
Лекарска комора ја информира јавноста дека на денешната седница на Собранието на Комората, проф. д-р Никола Јанкуловски е избран за нов претседател и д-р Идриз Орана за заменик-претседател на оваа професионална организација на сите доктори по медицина во земјата.
На седницата беа избрани и тројца потпретседатели, д-р Биљана Петковска Огњанова – потпретседател за примарно здравство, д-р Ленче Нелоска – потпретседател за секундарно здравство и д-р Ристо Тодоров – потпретседател за терцијарно здравство.
Со изборот на проф. д-р Јанкуловски, за претседател, Лекарската комора добива раководител со долгогодишно академско, менаџерско и клиничко искуство, кој својата кариера ја посвети на развојот на македонското здравство, високото образование и унапредувањето на дигнитетот на лекарската професија.

„Голема чест и уште поголема одговорност е да се биде на чело на Лекарската комора. Мојот фокус ќе биде насочен кон заштита и унапредување на правата и статусот на сите лекари во нашата земја, унапредување на транспарентноста во работењето на Комората и дигитализација на процесите, активно вклучување на Комората во носењето за законските измени од областа на здравство и преку нови функционални решенија да придонесеме за креирање на подобри услови за работа на докторите и лекување на пациентите “, изјави проф. д-р Јанкуловски.
Проф. д-р Никола Јанкуловски е истакнат супспецијалист по абдоминална хирургија, долгогодишен редовен професор на Катедрата за хирургија при Медицинскиот факултет во Скопје, а ги извршуваше и функциите на директор на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, во два мандати декан на Медицинскиот факултет во Скопје и во два мандати ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.



