Утрински Весник
Магазин

ФБИ го уапси таткото на Меган Маркл – осомничен за поседување материјали со сексуална злоупотреба на деца

Whatsapp image 2026 11 06 at 16.57.04.jpeg

Томас Маркл постариот, 82-годишниот татко на Меган Маркл, војвотката од Сасекс и сопруга на британскиот принц Хари, е приведен во американската сојузна држава Флорида под сомнение за поседување материјали што прикажуваат сексуална злоупотреба на деца, објавија американските и британските медиуми.

Според информациите што ги објави „Дејли мејл“, повикувајќи се на извор запознаен со случајот, агенти на Федералното истражно биро (ФБИ) го привеле Маркл во домот за нега „Маравида Сениор Ливинг“ во градот Лејкленд, Флорида, каде што престојувал по неговото неодамнешно враќање во Соединетите Американски Држави.


За приведувањето извести и „Фокс њуз“, повикувајќи се на извор од органите на прогонот. Сепак, ФБИ сe уште нема јавно потврдено детали за интервенцијата, ниту е официјално соопштено дали против 82-годишникот се поднесени формални кривични обвиненија.

Случајот привлече големо меѓународно внимание поради семејната поврзаност на Томас Маркл со британското кралско семејство, но и поради сериозноста на сомневањата што се истражуваат во повеќе држави.

Истрагата започнала по откривање сомнителни материјали на локации поврзани со Маркл во Мексико и на Филипините. Истражителите се обидуваат да утврдат кому му припаѓале материјалите, кој ги поседувал и дали постојат докази за извршени кривични дела.

Според „Дејли мејл“, во складишен простор во Росарито, Мексико, кој наводно бил изнајмен на името на Маркл уште во 2017 година, биле пронајдени приближно 20 кутии со фотографии, публикации, компјутерска опрема и видеокасети.

Меѓу предметите, според медиумските извештаи, имало и материјали за кои постои сомнение дека прикажуваат сексуална злоупотреба на малолетници.

По доставените информации, мексиканските власти спровеле претрес во складиштето и заплениле електронски уреди, USB-мемории, видеокасети и други предмети кои треба да бидат предмет на форензичко испитување.

Истрагата треба да покаже дали пронајдените материјали можат да се поврзат со конкретно лице и дали постои основа за кривична одговорност.

Томас Маркл, пак, категорично негирал дека складиштето му припаѓа.

„Немав складишта во Росарито“, изјавил тој за „Дејли мејл“, отфрлајќи ги тврдењата дека е поврзан со пронајдените материјали.

Паралелно со случувањата во Мексико, истрага се води и на Филипините, каде што Маркл претходно живеел.

Според медиумските информации, неговиот син Томас Маркл Џуниор пријавил дека пронашол сомнителни фотографии и видеоматеријали меѓу предметите во нивниот поранешен семеен дом во Себу.

Филипинските власти потврдија дека спроведуваат истрага за предмети и електронски уреди поврзани со случајот. Полицијата настојува да го утврди потеклото на материјалите и нивната евентуална поврзаност со осомничените лица.

Маркл остро ги отфрлил обвинувањата од својот син, нарекувајќи ги „болесни лаги“.

Во изјавите за медиумите тој негирал дека поседувал материјали со сексуална злоупотреба на деца или дека имал сексуални односи со малолетни лица.

„Никогаш немав секс со никого помлад од 18 години“, изјавил Маркл за британскиот весник.

Случајот дополнително добива на внимание поради реакцијата на неговата ќерка Меган Маркл, која со години нема блиски односи со својот татко.

Војвотката од Сасекс претходно соопшти дека е длабоко вознемирена од информациите што се појавиле во јавноста и изрази сочувство со сите деца кои евентуално биле жртви на злоупотреба.

Таа откри и дека уште во 2018 година добила информации за вознемирувачки обвинувања против нејзиниот татко, кои биле доставени до британската полиција.

Меган посочи дека одлуката нејзините деца да немаат контакт со нивниот дедо била мотивирана од желбата да ги заштити.

Во својата претходна реакција таа нагласи дека очекува надлежните институции целосно да го истражат случајот, а безбедноста и заштитата на децата да останат апсолутен приоритет.

Томас Маркл, кој долги години работел како директор за осветлување во холивудската филмска и телевизиска индустрија, во последниот период се соочува и со сериозни здравствени проблеми. По ампутација на ногата минатата година користи инвалидска количка, а неодамна бил сместен во установа за нега на повозрасни лица.

Тој и Меган се во нарушени односи уште од периодот пред нејзината венчавка со принцот Хари во 2018 година.

Последните случувања повторно го ставија нивното семејство во центарот на светското медиумско внимание, овојпат поради сериозна меѓународна кривична истрага.

Американските, мексиканските и филипинските истражни органи продолжуваат со проверките, а клучно прашање останува дали собраните материјали ќе доведат до формални обвиненија.

Можете да прочитате

СЗО предупреди дека многу деца и млади многу малку се движат

По 28 години пешачење околу светот, Карл Бушби конечно се врати дома

Расел Бренд прогласен за виновен за силување и сексуални напади