Утрински Весник
Економија

Миноски: При купување банка не е доволно инвеститорот да има пари, мора да се провери и неговата репутација

Img 7032.jpeg

При преземањето на банка, надлежните институции не смеат да се ограничат само на формалното исполнување на законските критериуми, туку мора да ги испитаат и сите дополнителни информации што можат да укажат на репутациски ризици поврзани со потенцијалниот инвеститор. Ова го истакна Кирил Миноски во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, говорејќи за преземањето на поранешната Стопанска банка Битола од страна на Алта банка.

Миноски објасни дека постапката за стекнување квалификувано учество во банка претставува сложен процес, кој подразбира детални проверки на финансиската состојба, сопственичката структура, потеклото на средствата и деловниот кредибилитет на инвеститорот.


Според него, во ваквите постапки, покрај Народната банка, значајна улога имаат и институциите надлежни за финансиско разузнавање, спречување перење пари и Комисијата за хартии од вредност, во рамките на нивните надлежности.

„Во тој процес се проверува кој е вистинскиот сопственик на финансиската институција или банката која сака да стекне квалификувано мнозинство, каков е неговиот кредибилитет, каков е планот за развој на банката и дали располага со доволно финансиски средства“, објасни Миноски.

Тој посочи дека ваквите проверки се неопходни за да се обезбеди стабилност на финансиската институција, но и да се заштитат депозитите на граѓаните, компаниите и останатите клиенти на банката.

Сепак, Миноски нагласи дека исполнувањето на законските услови само по себе не мора да значи дека се елиминирани сите потенцијални ризици.

„Многу е битен и репутацискиот елемент. Покрај формалните критериуми, треба да се провери дали постојат други информации поврзани со сопствениците кои евентуално би ја довеле во прашање репутацијата на оној кој сака да стане квалификуван акционер“, истакна Миноски.

Според него, современите финансиски институции при проценката на ризиците не се потпираат исклучиво на официјалната документација, туку користат и дополнителни извори на информации за да добијат поцелосна слика за инвеститорите и нивното претходно деловно однесување.

Таквиот пристап, како што посочи, е особено важен во банкарскиот сектор, каде што проблемите со сопственичката структура или кредибилитетот на инвеститорите можат да имаат пошироки последици врз довербата на граѓаните во финансискиот систем.

Миноски смета дека регулаторните институции треба да имаат сеопфатен пристап при одобрувањето банкарски преземања, кој ќе ги опфати не само финансиските показатели, туку и можните репутациски и други нефинансиски ризици.

Неговите оценки доаѓаат во период кога Алта банка АД Битола се соочува со привремени заштитни мерки воведени од Народната банка, по случувањата поврзани со нејзиниот доминантен сопственик во Србија.

Случајот повторно го отвори прашањето за критериумите и механизмите преку кои надлежните институции го проценуваат кредибилитетот на инвеститорите што влегуваат во македонскиот банкарски сектор.

Миноски нагласи дека стабилноста на банките не треба да се разгледува исклучиво низ призмата на финансиските показатели, бидејќи довербата во банкарскиот систем има пошироко значење за функционирањето на државата.

„Безбедноста на банкарскиот сектор не е само финансиско прашање, туку генерално е и прашање на безбедноста на една држава“, нагласи Миноски во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Можете да прочитате

Трафигура, мнозински сопственик во проектот за рудникот „Иловица–Штука“, инвестира над една милијарда долари во американски рафинерии

Гувернерот Славески: Се подготвува исплата на пензиите на 3.500 пензионери без платежни картички, се разгледува можноста за еднократно подигнување до 20.000 денари за нив

Левица: ДПМНЕ и Славески им одредија џепарлак на граѓаните дури и од нивните сопствени пари во АЛТА банка