Утрински Весник
Свет

Во пресрет на меѓуизборите: Трамп подготвен за масовни помилувања во својата администрација по примерот на Бајден

1744390802 tramp.jpg

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека е подготвен однапред да ги помилува сите лица кои работеле во неговата администрација доколку демократите, во случај да освојат мнозинство во американскиот Конгрес, покренат кривични постапки против неговите соработници, нагласувајќи дека сака да ги заштити од политички мотивиран прогон.

– Би го направил тоа ако биде потребно. Секако – изјави Трамп во интервју за подкастот на „Њујорк пост“, одговарајќи на прашањето дали помилувањето би ги опфатило сите членови на неговата администрација.


На дополнителното прашање дали навистина би ги помилувал сите соработници, Трамп повтори: – Би го направил тоа. Тоа го направив и за 6 јануари.

Со ова тој алудираше на својата одлука, донесена првиот ден по враќањето на функцијата во 2025 година, да помилува околу 1.500 лица осудени или обвинети за учество во нередите во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година.

Трамп како пример го наведе и поранешниот претседател Џо Бајден, кој пред крајот на својот мандат ги помилува поранешниот директор на Националниот институт за алергии и заразни болести, Ентони Фаучи, генералот Марк Мили, членовите и соработниците на конгресниот комитет кој го истражуваше нападот врз Капитол, како и неколку членови на своето семејство, меѓу кои и синот Хантер.

– Тоа е она што го направи Бајден. Ги помилува сите, рече Трамп, отфрлајќи ја работата на конгресниот комитет за истрага на настаните од 6 јануари како корумпирана.

На прашањето дали очекува и самиот да биде цел на евентуални постапки покренати од демократите, Трамп одговори дека не е сигурен.

– Ќе дознаеме во вторник навечер – рече Трамп, алудирајќи на резултатите од меѓуизборите.

Сепак, „Њујорк пост“ појаснува дека претседателските помилувања имаат ограничен опсег, бидејќи се однесуваат само на кривични дела од федерална надлежност и не обезбедуваат заштита од кривични постапки на ниво на сојузните држави, граѓански тужби или постапка за отповикување на претседателот.

Можете да прочитате

Путин им наложи на приватните центри за податоци да издвојат 10 проценти од капацитетот за руската ИТ-инфраструктура

Клиентите на Бајнанс повлекле 3,64 милијарди долари откако платформата продолжи со работа

Во Мексико од денеска забрането користењето мобилни телефони во училниците