Утрински Весник
Македонија

Клековски: Прашањето не е само дали, туку како безбедно и одржливо да ги воведеме новите терапии за Паркинсонова и Алцхајмерова болест

Image 2026 11 02 154832978.png

Министерот за здравство, Сашо Клековски, денеска се обрати на отворањето на панел дискусијата „Паркинсонова и Алцхајмерова болест – подобар третман за подобар живот”, што се одржа во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје.

Невролози и неврохирурзи од Универзитетскиот клинички центар Љубљана и од универзитетските клиники во Скопје разговараа за длабоката мозочна стимулација (DBS) кај Паркинсоновата болест и за антиамилоидните терапии со леканемаб и донанемаб во раната фаза на Алцхајмеровата болест. Се разговараше и за предусловите за нивно воведување во Македонија.


„Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест не се само дијагнози. Тоа се години живот, на пациентот и на семејството што се грижи за него. Ниту една од овие терапии не е за секого. И двете бараат внимателно избрани пациенти, обучени тимови, дијагностика и долгорочно следење. Затоа прашањето не е само дали, туку како: безбедно, стручно и одржливо”, изјави министерот Клековски.

Во националниот здравствен систем се регистрирани околу 24.000 лица со деменција, а проценките се дека до 2050 година бројот може речиси трипати да се зголеми. Со Паркинсонова болест живеат околу 8.000 граѓани, најголемиот дел од нив се згрижени дома, од своите семејства.

Министерот истакна дека Министерството е подготвено да ја слушне струката и очекува од дискусијата конкретни препораки: што недостига, по кој редослед и за колку време.

Клековски им се заблагодари на гостите од Љубљана за двегодишната соработка меѓу клиниките од Љубљана и Скопје, која се реализира преку програмата „Mentor–Mentee” на Меѓународното друштво за Паркинсонова болест и нарушувања на движењето (MDS).

На панелот учествуваа, проф. д-р Звездан Пиртошек, независен експерт на ОН за остварување на сите човекови права на постарите лица, проф. д-р Дејан Георгиев, асист. д-р Јован Божиновски, директор на Универзитетската клиника за неврологија, и д-р Љуљзим Агани, директор на Универзитетската клиника за неврохирургија. Модератор беше проф. д-р Габриела Новотни.

Можете да прочитате

Национална кампања за превенција од семејно насилство врз децата и адолесцентите

Американците ги избраа осумте најдобри места на Балканот: Две се во Македонија

Клековски: Од проценка кон национален план за квалитет со јасни одговорности, мерливи резултати и реални рокови