
Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца денеска го презентираше Годишниот извештај за 2025 година, во кој се нотираат клучните предизвици во спроведувањето на Законот за правда за децата и се упатуваат препораки за унапредување на системот за превенција и заштита на правата и интересите на децата.
Како еден од најзначајните предизвици и понатаму се издвојува неисполнувањето на законската обврска за формирање општински совети за превенција на детско престапништво во голем број општини. Во дел од општините овие тела воопшто не се формирани, во други постојат, но не се активни, додека само мал дел функционираат и ги реализираат предвидените активности.
Претседателката на Државниот совет, проф. д-р Гордана Лажетиќ, при презентацијата на извештајот ја истакна потребата од посветен и координиран институционален пристап кон превенцијата на детското престапништво.
„Формирањето на општинските совети за превенција на детско престапништво не треба да биде само формално исполнување на законската обврска, туку основа за континуирана и организирана превенција на локално ниво. За нивното функционирање неопходни се финансиски средства, годишни програми за работа и активна вклученост на локалните институции.” рече проф. д-р Гордана Лажетиќ, претседателка на Државниот совет.
Во извештајот се посочува дека недостигот од финансиски средства во буџетите на единиците на локалната самоуправа е една од главните пречки за спроведување на активностите на општинските совети. Поради тоа, Државниот совет препорачува преземање конкретни мерки за обезбедување услови за нивно ефективно и континуирано функционирање.
Меѓу препораките е и изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа, со цел појасно да се утврдат надлежностите и одговорностите на градоначалниците и советите на општините во однос на формирањето, поддршката и функционирањето на општинските совети за превенција на детско престапништво.
Дополнително, Државниот совет констатира дека и во текот на 2025 година од одредени судови не биле доставувани податоци или биле доставувани несоодветни и нерелевантни податоци согласно индикаторите за следење на примената на Законот за правда за децата. Ова укажува на потребата од унапредување на институционалната соработка и обезбедување навремени и квалитетни податоци за следење на состојбите.
Државниот совет препорачува градоначалниците и советите на општините и Градот Скопје да ја исполнат законската обврска за формирање општински совети, да изработуваат годишни програми за работа и да обезбедат соодветна поддршка за реализација на планираните активности.
Превенцијата на детското престапништво бара континуирана институционална соработка, функционални локални механизми и соодветни финансиски ресурси. Заштитата на правата и најдобриот интерес на децата треба да претставува заеднички приоритет на сите надлежни институции и локални самоуправи.
Државниот совет ќе продолжи да ја поддржува доследната примена на законските, стратешките и програмските определби во областа на превенцијата на детското престапништво и правдата за децата.



