Утрински Весник
Балкан

Реакции по победата на Студентска листа на парламентарните избори во Србија

Image 2026 10 26 084109047.png

Унгарскиот премиер Петер Маѓар објави на X дека „имал телефонски разговор со лидерите на „Студентската листа“, која победи на изборите во Србија, за да им ја честита победата“.

„Ги уверив во поддршката на Унгарија. Ми беше мило што слушнав колку сила им даде нашата победа во април за време на оваа тешка борба“, напиша Маѓар на   X.


Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, им честиташе на победниците на изборитево Србија  и го поздрави „фактот што поранешниот претседател Вучиќ го прифати резултатот и ја изрази својата посветеност на мирна демократска транзиција“.

„Советот на Европа е подготвен да соработува со демократски избраното раководство на Србија за зајакнување на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Вашата упорност, енергија и посветеност на европските принципи и иднината на Србија ве доведоа до оваа точка. Можете да сметате на нашата поддршка“, напиша Берсе на платформата X.

Лидери на Зелените и Европската демократска партија беа првите меѓу паневропските партии кои ја поздравија победата на опозицијата во Србија.

Вула Цеци и Киран Куфе, копретседатели на Европската зелена партија, им честитаа на „Студентска листа“ и на „сите низ цела Србија кои се мобилизираа за одговорност, демократија и иднина без корупција“.

„Сега Европа мора да застане на страната на народот на Србија. Ја повикуваме Европската Унија да го поддржи повторното воспоставување на владеењето на правото, враќањето на демократските институции и борбата против корупцијата. На Србија ѝ е потребен кредибилен и забрзан пат кон приклучување кон ЕУ, заснован на вистински демократски реформи. За европските зелени, местото на Србија е во Европската Унија“, рекоа тие.

Хрватскиот европратеник Тонино Пицула од редовите на европските социјалисти и известувачот на Европскиот парламент за Србија на X оцени дека „граѓаните на Србија вечерва со убедливо мнозинство одлучија каква иднина сакаат“.

„Евалуацијата на изборниот процес треба да им се остави на набљудувачите, но волјата на гласачите заслужува целосно почитување. Сега е време за владеење на правото, реформи и институции што им служат на сите граѓани. Тоа треба да биде патот кон ЕУ“, напиша европратеникот.

Партијата „Можемо“, која е на власт во Загреб,  ја честиташе победата на Студентската листа, со оценка дека тоа е важен момент за демократијата во Србија и можност за нов почеток.

„По речиси две години студентски протести и граѓанска борба, Србија ѝ кажа на изборите доста на долгогодишната влада на Александар Вучиќ“, објави партијата на социјалните мрежи. Тие наведуваатд ека ова е момент за обновување на независните институции, воспоставување на владеењето на правото, слобода на медиумите и решителна борба против корупцијата.

„Србија сега има голема работа пред себе. Се надеваме на мирна и ненасилна транзиција“, се вели во соопштението на таа левичарска политичка партија.

Републиканскиот претставник во Конгресот на САД, Џо Вилсон, им ја честиташе победата на српскиот народ, особено на студентите, на вонредните парламентарни избори.

„Американците им испраќаат срдечни честитки на народот на Србија по повод тешко добиената изборна кампања, а особено на студентите кои покажаа историска решителност и патриотизам во нивната мисија да го вратат владеењето на правото во нивната земја“, напиша Вилсон на социјалната мрежа X.

„Сега започнува тешката работа. Едвај чекам обновени односи меѓу Србија и САД! Бог да ја благослови Србија“, додаде Вилсон.

Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, им честиташе на Студентската листа за нивната изборна победа, а на граѓаните на Република Србија за нивната јасно изразена демократска волја.
„Убеден сум дека овој изборен резултат ќе отвори ново поглавје во односите меѓу Црна Гора и Република Србија, засновано на пријателство, искрен дијалог и посветеност на заедничка европска иднина“, рече Милатовиќ.

Премиерот Милојко Спајиќ, исто така, ѝ честиташе на Студентска листа за победата.

Можете да прочитате

Уапсени над 50 лица во Грција за даночни измами преку познат синџир пекарници

Србија: „Студентската листа“ ја прекина 14-годишната власт на СНС и освои апсолутно мнозинство

Марта Кос: Србија го кажа своето, може да започне ново поглавје