Утрински Весник
Македонија

Апелација му изрече 19 месеци затвор на Мухамед Зеќири

Img 6377.jpeg

Поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, е осуден на една година и седум месеци затвор за злоупотреба на службената положба и овластување, одлучи Апелацискиот суд во Скопје, објави „Коха“.

Со новата пресуда, затворската казна на Зеќири е намалена во однос на првично изречените две години и шест месеци, кои, според досегашните информации, тој веќе ги има одлежано, сметајќи го и времето поминато во притвор и куќен притвор.


Предметот се однесува на склучување договори за консултантски услуги поврзани со анализа на состојбите и можностите за приватизација на „Македонска пошта“ и „Македонски железници“, без спроведување соодветна постапка за јавна набавка.

Според Обвинителството, со спорните договори била предизвикана штета на државниот буџет од над 1,1 милион евра.

Одлуката на Апелацискиот суд следува по повеќегодишна судска постапка, во која имаше одложувања, укинување на претходна пресуда и повторно судење.

Зеќири првично беше осуден на две и пол години затвор во декември 2023 година, но пресудата подоцна беше укината, а предметот вратен на повторно одлучување.

Од Апелацискиот суд посочуваат дека е наредена конфискација на имот од компанијата „Интерхолдинг“, која била изведувач на консултантските услуги, но ваква мерка не е изречена против Зеќири.

Поранешниот владин генерален секретар има право да ја оспори одлуката пред Врховниот суд во рок од осум дена.

Новата пресуда повторно го отвора прашањето за судскиот епилог на случајот, имајќи предвид дека изречената казна е пократка од времето што Зеќири, според објавените информации, веќе го поминал во затвор и притвор.

Можете да прочитате

Сменети 15 полициски раководители во Србија по заплената на марихуана од Македонија

Николоски: Новиот оператор „4iG“ во Македонија ќе ја користи сателитската мрежа на Илон Маск

Македонскиот бизнисмен Никола Андреевски на вечера со американскиот претседател Доналд Трамп