Утрински Весник
Македонија

Мицкоски не се појави на суд, Ристоска тврди дека ВМРО-ДПМНЕ и го нарушила угледот

Img 9704.jpeg

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска не се појави во Основниот граѓански суд Скопје, иако бил уредно повикан да биде сослушан како законски застапник на владејачката партија во судскиот спор што против неа го води поранешната јавна обвинителка Ленче Ристоска за навреда и клевета. Ристоска, која бара отштета од 300.000 денари, пред судот сведочеше за партиските соопштенија кои, како што тврди, претставувале директен напад врз нејзиниот личен и професионален интегритет.

Судот го констатирал отсуството на Мицкоски, кој требало да се произнесе за содржината и намерата на спорните соопштенија. Неговата адвокатка Ружица Николовска објаснила дека премиерот не можел да присуствува поради неодложни службени обврски, нагласувајќи дека неговото лично присуство не било задолжително.


По завршувањето на рочиштето, Ристоска оцени дека недоаѓањето на Мицкоски претставува непочитување на судот.

„Имаше повеќе месеци во кои претседателот на ВМРО-ДПМНЕ можеше да го усогласи својот распоред. Сметам дека неговото недоаѓање, пред сè, претставува непочитување на судот. Од моето искуство како јавна обвинителка, можам да кажам дека тоа не ме изненадува, бидејќи сум имала ситуации во кои и други високопрофилирани личности избегнувале да дојдат и се криеле во моментите кога требало да преземат одговорност за своето однесување“, изјави Ристоска.

Од друга страна, адвокатката на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека секој граѓанин има право да побара судска заштита доколку смета дека бил навреден или наклеветен, но дека премиерот поради службени обврски не бил во можност да се појави на рочиштето.

Иако Мицкоски не присуствуваше, Ристоска беше сослушана во својство на странка и детално ги образложи причините поради кои смета дека партијата го нарушила нејзиниот углед.

Таа посочи дека првото спорно соопштение било објавено на 14 октомври 2025 година, во период кога како јавна обвинителка ги застапувала предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, во кои биле засегнати интересите на ВМРО-ДПМНЕ.

Според нејзиното сведочење, во тој период постапките биле во завршна фаза, а партијата побарала одмрзнување на имотот. Ристоска, како надлежен обвинител, предложила судот да го одбие барањето, што судот и го направил токму на денот кога било објавено првото соопштение против неа.

„На 14 октомври 2025 година, кога беше објавено соопштението, бев обвинител и застапував два предмета во кои беа засегнати интересите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во истиот предмет беше побарано одмрзнување на имотот и јас како јавен обвинител предложив ова барање да се одбие. Токму тој ден судот донесе одлука за одбивање на барањето“, објасни Ристоска.

Таа наведе дека првото соопштение било со наслов „Ристоска – тажен симбол за неправда со државни бонуси и службена картичка во служба на Заев и Груби“, по што следувале уште 16 соопштенија во кои била споменувана.

Особено емотивен момент во судницата настанал кога Ристоска зборувала за квалификациите во кои била претставена како обвинител без морал и срам, како и за формулацијата „Каков крај“, која, според неа, ја доживеала како закана за нејзината професионална иднина.

„Изразите ‘тажен симбол на неправда’, ‘отсуството на срам е одлика на вакви луѓе’ и квалификацијата дека јас го симболизирам моралниот пад на обвинителството ги доживеав како навредливи и особено понижувачки. Како јавна обвинителка, една од премисите во моето работење секогаш ми била правдата. Тоа што ме прикажуваат како олицетворение на неправдата го доживувам како особено навредливо“, рече Ристоска.

Ваквите квалификации не ги доживеала како легитимна критика на нејзината работа, туку како обид за дискредитација и притисок.

„Особено ме вознемири почетокот на соопштението со зборовите ‘Каков крај’. Тоа го доживеав како закана за крајот на мојата кариера. Секој професионалец би го доживеал тоа како вознемирувачко, особено кога доаѓа од партија на власт која е странка во предмети во кои сум постапувала“, посочи таа.

Ристоска ги отфрли и партиските обвинувања со кои била поврзувана со поранешниот премиер Зоран Заев, поранешниот вицепремиер Артан Груби, како и со СДСМ и ДУИ. Таа негираше дека соработувала со лица од криминалното подземје или дека користела службени картички.

„Никогаш во мојата кариера како јавен обвинител, ниту во СЈО ниту потоа, не сум користела службена картичка, ниту сум била задолжена со таква. Моите примања се однесуваа на плата, додатоци и надоместоци предвидени со закон, кои беа пријавувани во надлежните институции“, истакна Ристоска.

Според неа, сите исплати во поранешното Специјално јавно обвинителство биле вршени со одобрение од Министерството за финансии, а приходите биле пријавувани во Државната комисија за спречување на корупцијата и во Управата за јавни приходи.

На прашање од адвокатот на тужената страна дали била изложена на критики и во периодот кога СДСМ и ДУИ биле на власт, Ристоска одговори потврдно, нагласувајќи дека нејзиниот професионален пристап не зависел од тоа која политичка партија ја предводела Владата.

Таа потсети дека јавно го критикувала недостигот од реформи во обвинителскиот систем, работата на Советот на јавни обвинители, како и измените на Кривичниот законик од 2023 година.

Ристоска истакна и дека нејзините обиди за професионално напредување биле неуспешни, а во еден случај, како што кажа, добила судски спор за дискриминација.

На дополнителното прашање дали надоместоците што ги добивала ги давала на СДСМ и ДУИ за да бидат користени против политички неистомисленици, таа категорично одговорила: „Апсолутно не“.

Одбраната на ВМРО-ДПМНЕ, пак, поднела приговор на целиот нејзин исказ, оценувајќи дека сведочењето било насочено кон привлекување внимание.

Со тужбата Ристоска бара судот да утврди дека ВМРО-ДПМНЕ извршила навреда и клевета преку спорното партиско соопштение и да ѝ биде исплатена отштета од 300.000 денари.

Судската постапка продолжува, а за основаноста на тужбеното барање и за тоа дали соопштението претставува навреда и клевета ќе одлучува судот.

Можете да прочитате

Клековски во Берлин: Германија е партнер за модерно здравство – дигитализација, кадри и нови технологии

Доживотен затвор за серискиот убиец Трајче Бојковски

Директорот на Царина: Наш највисок заеднички интерес е создавање силни безбедносни коалиции во борбата со илегална миграција и сериозен криминал