Утрински Весник
Македонија

Од 29 октомври личната карта и возачката дозвола во вашиот телефон – Андоновски откри детали

Telefon .jpg

Граѓаните од 29 октомври ќе можат да ги користат своите лични документи во електронска форма преку новата државна мобилна апликација „м.Услуги“. Ова го најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во гостување во Дневникот на Македонската телевизија.

Новата апликација ќе овозможи граѓаните на своите мобилни телефони да имаат пристап до личната карта и возачката дозвола, што претставува прв чекор кон воведување дигитален паричник во Македонија.


Според Андоновски, апликацијата ќе биде целосно бесплатна, а нејзиното користење нема да биде задолжително.

„Ова е првиот чекор кон дигитален паричник. Бесплатна е за користење и за симнување. Не е задолжителна, не мора секој да ја симне, но ќе нуди низа погодности што граѓаните и досега требаше да ги користат како алатки и апликации“, изјави министерот.

Апликацијата во моментов се наоѓа во завршната фаза на тестирање, а надлежните веќе разговараат со платформите „Гугл плеј“ и „Епл стор“ за нејзината достапност.

Андоновски објасни дека граѓаните ќе можат едноставно да се регистрираат со внесување на личните податоци, по што информациите автоматски ќе се преземаат од порталот „Услуги.мк“. Со внесување на бројот на личната карта ќе може да се повлече и електронската верзија на документот.

Министерот уверува дека апликацијата ќе биде безбедна и едноставна за користење.

Покрај дигиталните документи, Андоновски најави и напредок во разговорите за воведување на принципот „роаминг како дома“ меѓу Македонија и земјите од Европската Унија.

Тој откри дека предлог-текстот на договорот веќе е пристигнат и е доставен до надлежните министерства, кои до крајот на неделава треба да ги испратат своите забелешки.

„Очекувам тоа да се интензивира во текот на есента и да го имаме договорот на почетокот на 2027 година“, изјави Андоновски.

Со евентуалното постигнување договор би се отворил патот за користење мобилни услуги во земјите од ЕУ според принципот „роаминг како дома“, а деталите и роковите за неговата примена допрва треба да бидат утврдени.

Можете да прочитате

Грозданова: Четири сомнителни случаи кај деца во Хрватска ја запреа БСЖ вакцинацијата во Македонија

Алармантни бројки за туберкулозата во Македонија – 95 возрасни пациенти и три деца во болница

Мицкоски: Владата е избрана со мандат од четири години, но можни се предвремени избори