Утрински Весник
Македонија

Грозданова: ХПВ вакцината штити од рак, а родителите сe уште се двоумат да ги вакцинираат 

Img 5613.jpeg

Во Македонија се бележи зголемен интерес за вакцинацијата против хуман папилома вирусот (ХПВ), а во наредниот период се планира и проширување на возрасната граница за примање на вакцината. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ го најави проф. д-р Александра Грозданова, претседателка на Комисијата за имунизација, која нагласи дека ХПВ вакцината е важна за превенција од повеќе видови карциноми, како кај девојчињата, така и кај момчињата.

Грозданова посочи дека и покрај позитивниот тренд, кај дел од родителите сè уште постојат дилеми околу потребата од вакцинација на децата, особено на момчињата.


Според неа, една од најчестите причини за отпорот е поврзувањето на ХПВ инфекцијата со сексуалната активност, поради што дел од родителите сметаат дека вакцинацијата на 12-годишна возраст е прерана.

„Не можете вие мене да ми кажувате, моето дете уште спие со мене, има 12 години, зошто да го вакцинирам за сексуално пренослива болест?“, пренесе Грозданова, опишувајќи еден од аргументите со кои се соочуваат здравствените работници.

Таа објасни дека токму вакцинацијата пред потенцијалното изложување на вирусот е клучна за постигнување најдобра превентивна заштита.

Грозданова нагласи дека ХПВ инфекцијата не претставува ризик исклучиво за женското здравје. Покрај карциномот на грлото на матката, одредени типови на вирусот се поврзуваат и со други малигни заболувања, вклучително и карциноми на орофаринксот, односно делот од грлото зад усната празнина.

„Имаме висок пораст на орофарингеалниот карцином“, рече Грозданова, посочувајќи дека овие заболувања можат да бидат потешки за рано откривање, за разлика од промените на грлото на матката, за кои постојат организирани методи на скрининг.

Како позитивен пример таа ја посочи Австралија, каде што повеќе од една деценија се спроведува ХПВ вакцинација и кај девојчињата и кај момчињата, со висок опфат на населението.

Според Грозданова, карциномот на грлото на матката и понатаму претставува значаен здравствен проблем во Македонија, поради што е неопходно дополнително информирање на граѓаните за можностите за превенција.

Таа истакна дека во последните години ХПВ вакцината е меѓу вакцините кај кои се забележува позитивен тренд во опфатот, што го поврзува со континуираните активности за информирање и советување на родителите.

„Навистина, многу едукација, многу советување“, рече Грозданова, нагласувајќи дека директната комуникација со семејствата придонесува за подобро разбирање на придобивките од имунизацијата.

Претседателката на Комисијата за имунизација најави и можност за проширување на возрасната граница за ХПВ вакцинација во земјава.

„Ќе ја зголемиме возрасната граница за ХПВ“, изјави Грозданова, без да прецизира до која возраст би се проширил опфатот и кога би започнала примената на оваа промена.

Таа порача дека едукацијата на родителите и младите останува еден од најважните предуслови за зголемување на опфатот со ХПВ вакцинација, со цел долгорочно намалување на ризикот од заболувања поврзани со вирусот.

Можете да прочитате

Грозданова: Четири сомнителни случаи кај деца во Хрватска ја запреа БСЖ вакцинацијата во Македонија

Алармантни бројки за туберкулозата во Македонија – 95 возрасни пациенти и три деца во болница

Мицкоски: Владата е избрана со мандат од четири години, но можни се предвремени избори