Утрински Весник
Македонија

Немам верба во државата – Таткото на судијата Ристов објасни зошто ги криел 350.000 евра во ѕид

Goko ristov.jpg

Таткото на апелациониот судија Ѓоко Ристов, Здравко Ристов, денеска пред судот сведочеше за потеклото на 350.000 евра, кои беа пронајдени скриени во ѕид во семејната куќа во Неготино. Тој тврдеше дека парите се негови и на неговата сопруга Донка, дека ги заработувале со години и дека нивните деца не знаеле за нив.

Во своето сведочење, Здравко Ристов објаснил дека парите ги заработувал тој, додека неговата сопруга била задолжена за нивното чување.


„Сопругата. Јас пари не ставав. Таа беше должна. Јас стварав, она ги чуваше. Ако сум им ги дал парите на децата може ќе ги искоцкале, ништо не се знаело“, рекол Ристов пред судот.

На прашањето зошто за време на полицискиот претрес не пријавил дека во куќата има толкава сума пари, туку одговорил дека нема пари, тој изјавил дека немал доверба во државата.

„На кого да пријавам, немам верба во државата. Сум се мачел за нив со овие 10 прста. Децата не знаеја. Кога им требаше ќе им дадев, ќе ми ги вратат. На полицијата им реков дека се наши, мои и на сопругата“, сведочел таткото на судијата.

Тој пред судот објаснил и дека парите во текот на годините ги менувал во евра на различни места и во повеќе градови. Според неговото сведочење, одлуката парите да ги чуваат дома, наместо во банка, била резултат на недовербата во банкарскиот систем.

Особено внимание на денешното рочиште предизвикало прашањето за трагите пронајдени на парите. Здравко Ристов бил прашан како е можно на парите да не бидат пронајдени негови траги, туку траги од неговиот син, судијата Ѓоко Ристов.

На ова прашање тој кратко одговорил дека за такво нешто „немало шанса“.

Неговото сведочење во голем дел се совпаѓа со исказот на неговата сопруга Донка Ристов, која исто така тврдеше дека парите се нивна сопственост и дека со години ги чувала на скриено место во семејниот дом.

Сепак, Обвинителството претходно соопшти дека пронајдените 350.000 евра не биле пријавени, а нивното потекло не било поткрепено со докази.

Случајот против апелациониот судија Ѓоко Ристов произлезе од истрагата против адвокатот Фехми Стафа, кој беше фатен при примање 20.000 евра, како дел од наводно договорени 100.000 евра за противзаконито влијание врз апелациски судија, со цел укинување на мерката притвор за Љупчо Пецов.

Стафа ја призна вината, склучи спогодба со Обвинителството и беше осуден на една година и три месеци затвор.

Постапката поврзана со судијата Ристов и пронајдените 350.000 евра продолжува пред надлежниот суд, а судскиот процес го води судијката Билјана Коцевска.

Можете да прочитате

Радиологија остана со неисправни КТ апарати, пациентите се пренасочуваат во две скопски болници

Муцунски по средбата во Софија: Кога ќе затвориме едно прашање со Бугарија, се отвора ново

Петрова-Чамова по средбата со Муцунски: Најдобрата гаранција се уставните измени и исполнувањето на договореното