Утрински Весник
Македонија

Конески: Да ги вклучиме младите во локалната власт и да им дадеме причина да останат во Македонија

Img 5509.jpeg

Вклучувањето на студентите и младите истражувачи во локалната самоуправа е една од клучните мерки за зајакнување на капацитетите на општините, модернизација на нивното работење и создавање перспектива за младите да останат во Македонија. Ова го истакна претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Тодор Конески, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Конески посочи дека политиката за поврзување на младите со локалната самоуправа, преку соработка со универзитетите и Министерството за локална самоуправа, веќе се спроведува и треба да овозможи младите професионалци своето знаење практично да го применат во општините.


Според него, користа е двострана – општините добиваат млади луѓе со свежи идеи, современи знаења и дигитални вештини, додека студентите и младите истражувачи добиваат можност непосредно да се запознаат со функционирањето на институциите и процесот на донесување одлуки.

Посебно значење, како што истакна Конески, има вклучувањето на млади ИТ инженери и кадри со современи дигитални знаења, кои можат да придонесат за побрза дигитализација на општинските услуги и надминување на бирократските процедури.

„Промената доаѓа од младите – тие се авангардата и најголемата додадена вредност на ова општество. Со нивното успешно вклопување, добиваме локална самоуправа која мисли и делува на покреативен начин, додека студентите се развиваат професионално и се подготвуваат утре да управуваат со системот“, истакна Конески.

Во дебатата беше посочено и дека ваквите програми треба да имаат континуитет, но и јасно утврдени критериуми за избор. Фокусот, според учесниците, треба да биде ставен на најдобрите и најквалитетните студенти од факултетите, со што би се обезбедиле професионалност и реални резултати.

Конески потсети дека директната соработка меѓу универзитетите и општините веќе дала резултати преку конкретни проекти на локално ниво. Целта, според него, е ваквите иницијативи да прераснат во системски мерки кои ќе им дадат можност на младите да стекнат искуство, да се вработат и својата иднина да ја градат во Македонија.

Можете да прочитате

Даниловски за БСЖ-вакцината: Родителите да не паничат, одложувањето е мерка на претпазливост

Потребна ли е партиска книшка за место во студентски дом? Одговараат Конески од УМС и Кузмановска од СДММ

Конески: Заминувањето на студии во странство не е бегство, стекнатото знаење треба да се врати дома