
Закаснети одговори на студентските барања, недоволни средства за субвенциониран студентски оброк и развлечени рокови за реконструкција на студентските домови – ова се дел од забелешките што претставничката на СДММ, Стефанија Кузмановска, ги упати кон политиките на Министерството за образование и наука во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Реагирајќи на тврдењата дека Министерството има слух за потребите и иницијативите на младите, Кузмановска го отвори прашањето за барањето на Универзитетското студентско собрание за зголемување на износот за субвенциониран студентски оброк.
Според неа, поминале десетина до петнаесет дена откако студентите побарале дневниот износ да биде зголемен од 140 на 200 денари, а од Министерството сè уште нема официјален одговор.
„Дали на еден студент во денешни услови му се доволни 140 денари за да го помине денот? Иако станува збор за субвенција, законската рамка децидно наложува дека износот мора да се усогласува секоја година согласно стапката на инфлација и реалниот животен стандард во државата“, истакна Кузмановска.
Според неа, ваквата ситуација го отвора прашањето колку институциите навистина се подготвени навремено да одговорат на барањата на студентите.
Кузмановска се осврна и на состојбата во студентските домови, посочувајќи дека подобрувањето на студентскиот стандард не зависи само од финансиската поддршка, туку и од условите во кои студентите живеат.
Како пример го посочи студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, каде што, според неа, реконструкцијата трае предолго и сè уште не е завршена.
Таа оцени дека студентите имаат потреба од конкретни и навремени решенија – од повисок износ за субвенциониран оброк до подобри услови за сместување.
Според Кузмановска, сè додека остануваат нерешени основните прашања поврзани со исхраната и сместувањето, тешко може да се зборува за целосна институционална поддршка на студентскиот стандард.


