
Соопштение на ДОМ:
По неодамнешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата нема да се откаже од експлоатацијата на антимонот за економски развој, ДОМ бара целосни и проверливи информации за проектот „Крстов Дол” кај Луке.
Американската DFC во април склучи договор за до 5 милиони долари развојно финансирање за компанијата Pela Global. Важно е да се напомене дека ова се средства за физибилити-студии и истражувања со кои допрва треба да се потврди одржливоста на проектот. Во овој случај потенцијалниот стратешки интерес на глобалните синџири на снабдување не смее да се користи како доказ за исплатливост, ниту да биде изговор за намалување на еколошките критериуми.
Затоа, ДОМ бара Владата јавно да одговори на клучните прашања:
• Колкави се докажаните рудни резерви и врз основа на кои геолошки испитувања се утврдени?
• Каков капацитет и технологија за експлоатација и преработка се планираат?
• Колку вода ќе се троши, од кои извори и како ќе се спречи загадувањето?
• Каде ќе се складира јаловиштето и кој ќе гарантира долгорочна безбедност?
• Кој ќе ги покрие трошоците за рекултивација и какви финансиски гаранции ќе обезбеди инвеститорот?
• Дали се направени независни студии за влијанието врз здравјето и животната средина и кога ќе бидат достапни за јавноста?
Ако Владата навистина сака овој проект да биде пример за економски развој, тогаш треба да биде пример и за транспарентност, одговорност и заштита на јавниот интерес.
Стратешкото значење на еден минерал не ги укинува домашните процедури. Природните ресурси и нивното користење мора да се темелат на факти, правила и транспарентност, а не на политички изјави и ветувања.



