Утрински Весник
Македонија

Деко си „купил“ угостителска лиценца без да поднесе ниту еден документ – Обвинителството отвори нова истрага и бара притвор

Img 5192.jpeg

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против едно лице осомничено дека дало поткуп на службеник во Министерството за економија за да добие лиценца за вршење угостителска дејност, иако неговиот објект не ги исполнувал законските услови.

Од Обвинителството соопштија дека е донесена Наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело „Давање поткуп“ од член 358 став 1 од Кривичниот законик.


Според сомненијата на обвинителството, лицето дало поткуп на службено лице во Министерството за економија со цел тоа да изврши службено дејствие што не смеело да го изврши, односно да му обезбеди лиценца за угостителска дејност.

Притоа, осомничениот, како што се наведува, воопшто немал поднесено барање за издавање лиценца, а знаел и дека објектот не ги исполнува законски пропишаните услови за нејзино добивање.

За кривичното дело за кое е осомничен е предвидена затворска казна од една до десет години.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за определување мерка притвор поради опасност од бегство. Како дополнителна околност се наведува дека против осомничениот се води уште една кривична постапка за „Тешки дела против општата сигурност“.

Осомничениот досега бил обезбеден како обвинет во друга постапка, но бидејќи за тоа дело истекуваат законските рокови за обезбедување, обвинителот од ОЈО ГОКК, кој продолжува да прибира докази за сомненијата за поткуп, оценил дека постои голем ризик лицето да стане недостапно.

Од Обвинителството оценуваат дека притворот е неопходен за обезбедување на присуството на осомничениот во текот на постапката.

Во меѓувреме, службеното лице кое, според обвинението, го примило поткупот веќе е обвинето и против него се води судска постапка за „Примање поткуп“.

Можете да прочитате

Ристов најави паметни броила: Во секое време ќе знаете колку струја трошите и по која цена

РКЕ подготвува промени на евтината тарифа: Нови термини поради промените на пазарот на струја

Ристов до бензинските: Не кријте гориво пред поскапување, казните се огромни