Утрински Весник
Македонија

Три пати мери еднаш сечи

Trlinmiroslav.jpg

КАКВА Е ЕКОНОМСКАТА СМЕТКА НА МАКЕДОНСКОТО „ЛИДЕРСТВО“ ВО ДАТА-ЦЕНТРИТЕ?

Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран еконмист во пензија:


До вчера за најголемиот дел од македонските граѓани дата-центарот беше нешто далечно, технолошко и неразбирливо. Денес, за само неколку месеци, стана една од најжешките теми во јавноста. Се слуша дека Македонија треба да стане регионален лидер, дека влегуваме во новата индустрија на иднината и дека не смееме да го испуштиме моментот.

Од другата страна слушаме предупредувања за струјата, водата, земјиштето, инфраструктурата, животната средина, бројот на вработувања и условите под кои се разговара со потенцијалните инвеститори.

И токму затоа најлошо би било граѓанинот да избира страна пред воопшто да разбере за што станува збор.  Не треба да бидеме ниту против технологијата, ниту фасцинирани од неа. Вештачката интелигенција, cloud услугите и дигиталната инфраструктура се дел од современата економија и нивното значење расте. Меѓународната агенција за енергија проценува дека дата-центрите во 2024 година потрошиле околу 415 TWh електрична енергија, а до 2030 година потрошувачката би можела повеќе од двојно да се зголеми.  Значи, трендот е реален.

Но од тоа не произлегува автоматски дека Македонија треба да стане регионален лидер.  Тоа е наша економска одлука. А секоја економска одлука мора да тргне од едно основно прашање:  Која е нашата компаративна предност?

Официјалната инвестициска агенција како предности ги наведува оптичката и 5G поврзаноста, поврзаноста со европската електроенергетска мрежа, климатските услови, пониските CAPEX и OPEX и расположливата ИКТ работна сила.

Добро. Но тогаш мора да прашаме: колку навистина вредат тие предности во споредба со она што го нудат Србија, Бугарија, Грција, Романија и другите конкурентни локации?

Ако предноста е географијата – зошто е подобра?                                                                                     Ако е поврзаноста – колку е подобра?                                                                                                     Ако е електричната енергија – по која цена и со каква сигурност?                                                                     Ако е земјиштето – по која цена?                                                                                                                   Ако се даночните олеснувања – тогаш тоа е нешто што државата го дава за да стане поконкурентна.

И тука доаѓа прашањето што мора да го поставуваме при секоја голема инвестиција:

Не е доволно да знаеме колку инвеститорот ќе вложи. Мора да знаеме и колку Македонија вложува.

Инвестиција од 500 милиони или една милијарда евра звучи импресивно. Но колку од тие средства ќе се потрошат во Македонија? Колку ќе бидат увезена опрема? Колку домашни компании ќе бидат ангажирани? Колку трајни работни места ќе останат? Колку даноци ќе се платат и каква јавна инфраструктура ќе треба да се изгради?  Затоа треба да правиме разлика меѓу „инвестиција во Македонија“ и „инвестиција лоцирана во Македонија“.

Исто така, не треба да ги мешаме националниот и приватниот дата-центар.

Државата најавува изградба на Национален дата-центар, чија цел е државна дигитална инфраструктура, владин cloud, заштита на податоците, сајбер-безбедност и дигитални јавни услуги. Тоа е поинаков економски случај. Националниот дата-центар не мора да носи приватен профит за да биде оправдан; неговиот поврат може да биде во безбедноста, континуитетот на услугите и намалувањето на зависноста од надворешни провајдери.

Кај приватниот комерцијален дата-центар логиката е друга. Приватниот капитал доаѓа поради приход и профит. Затоа државата мора да знае која е нејзината нето-економска корист.  И повторно се враќаме на водата и струјата.  Не е доволно да кажеме дека дата-центарот ќе троши струја и вода. Треба да знаеме колку, од кој извор, по која цена, со каква технологија и кој ќе го плати потребниот капацитет и инфраструктура.

Истото важи и за вработувањето.  Дата-центарот не е текстилна фабрика. Големата капитална инвестиција не значи автоматски илјадници трајни работни места. Поширокиот ефект може да дојде преку градежништвото, енергетиката, телекомуникациите, одржувањето, домашните добавувачи и инженерските услуги.

Затоа и тука ни требаат бројки:  Колку директни работни места? Колку индиректни? Колку за домашни инженери? Колку домашни компании? Колкав извоз на услуги? Колку даночни приходи?  Во спротивно, лесно можеме да се воодушевиме од големината на инвестицијата, а да не ја видиме големината на вистинската корист.

Затоа и примерот со биберот не е толку далеку од суштината.  Македонија може да увезува бибер затоа што не е рационално да произведува секој производ само затоа што го користи. Но ако некој сака да произведува бибер во Македонија за светскиот пазар, прашањето не е колку бибер трошат Македонците, туку дали имаме услови производството да биде конкурентно и дали вредноста што ќе остане во земјата е поголема од ресурсите и поволностите што ќе ги вложиме.

Истата логика треба да важи и кај дата-центрите.  Не мора да имаме голем домашен пазар за да имаме комерцијален дата-центар. Инвеститорот може да продава услуги на регионалниот или глобалниот пазар. Но тогаш мора да знаеме:                                                Зошто токму Македонија? Ако причината е подобра комбинација од енергија, мрежа, локација, регулатива и трошоци – одлично.  Ако, пак, главниот аргумент е евтино земјиште, даночни ослободувања, субвенции, инфраструктура и евтина енергија – тогаш повторно мора да пресметаме.  Зашто пониската цена за инвеститорот не значи автоматски и поголема корист за државата.

Македонија со години ги промовира евтината работна сила и пониските давачки како предност за странските инвестиции. Кај дата-центрите таа логика е уште помалку доволна, бидејќи станува збор за индустрија што е пред сè капитално и енергетски интензивна. Затоа не смееме зборот „технологија“ да го претвориме во замена за економска пресметка.  Истото важи и за зборот „лидер“.  Лидерство не е кога ние ќе кажеме дека сме лидер.  Лидерство е кога можеме да покажеме по што сме подобри од конкурентите и што добиваме од таа позиција.

Затоа, пред Македонија да влезе во голема трка за дата-центри, мора да знаеме барем пет работи:  кои се нашите мерливи предности, што точно му нудиме на инвеститорот, што вложува државата, каков е очекуваниот нето-ефект и кои ризици ги преземаме на долг рок.

Не треба да се плашиме од дата-центрите. Треба да се плашиме од тоа да донесеме голема одлука без да знаеме што точно сме одлучиле. Не треба да се плашиме ниту од странскиот капитал. Македонија има потреба од инвестиции, технологии, извоз и нови економски активности. Но странскиот капитал не е добротворен капитал. Тој доаѓа затоа што очекува профит. Тоа е нормално. Тогаш и Македонија мора да настапува со својот интерес.  Не со логиката „само нека дојде инвеститор“, туку со логиката:  „Добредојдовте, но да видиме под кои услови и на кој начин оваа инвестиција е добра и за Вас и за Македонија.“

И тука треба да важи онаа стара шнајдерска мудрост:  три пати мери, еднаш сечи. Овојпат мерењето нека биде физибилити студијата, енергетската анализа, водниот биланс, економската анализа на трошоци и користи, фискалната пресметка, споредбата со конкурентните земји и јасните договорни обврски.  Дури тогаш може да кажеме дали Македонија навистина има причина да стане регионален лидер.

Зашто вистинскиот успех нема да биде во тоа да имаме најмногу дата-центри. Вистинскиот успех ќе биде да имаме дата-центри од кои Македонија има поголема економска и стратешка корист отколку што има трошок и ризик.

Ако таквата сметка покаже дека тоа можеме да го постигнеме, тогаш треба да им кажеме „да“ на инвестициите – без страв од новото, но и без стравопочит кон убавите зборови.

Бидејќи и во економијата важи едно старо правило: не се заработува од тоа што звучи големо, туку од тоа што е добро пресметано.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Можете да прочитате

Левица поднесе интерпелација за министерката Божиновска

Скопјанец бил казнет за сообраќаен прекршок па телефонски му се заканувал на полицаецот

Платформата „12:05“: Филипче се повеќе личиш на својот поранешен работодавец Груевски