
Пишува: Јове Кекеновски
Постојат моменти кога проблемот повеќе не е во една одлука, еден правилник, еден спор или едно писмо.Проблемот станува институционален. Мислам дека ЗАМП денес се наоѓа токму во таков момент.
Во изминатиов период јас и неколку видни музички автори побаравме од надлежните државни институции да извршат проверка на определени аспекти од финансиското и тековното работење на ЗАМП. Не побаравме некој однапред да биде прогласен за виновен. Не пресудувавме. Побаравме институциите да ги проверат фактите и, доколку најдат основ, да постапат во рамките на своите надлежности.
Заедничката иницијатива беше упатена до повеќе надлежни институции како барање за сеопфатна правна, финансиска и институционална проверка на работењето на ЗАМП.
Со неа побаравме да се утврди дали работењето на ЗАМП е во целосна согласност со важечките закони и прописи; дали финансиското работење, распределбата и управувањето со средствата се вршат законито, правилно и транспарентно; дали правилата и методологијата за распределба на надоместоците се јасни, законити и еднакво применувани; дали авторите имаат обезбеден реален и ефективен увид во начинот на евиденција и распределба на средствата; како и дали постојат евентуални неправилности, пропусти или состојби што бараат понатамошно постапување.
Конкретно, побаравме да се изврши финансиска контрола и ревизија на досегашното работење, имајќи ги предвид изнесените индиции и сомневања во врска со пресметката и исплатата на паушалните надоместоци за 2023, 2024 и 2025 година; да се утврди одговорност за евентуално непочитување и неспроведување на одлуки на Уставниот суд донесени по иницијативи на автори членови на ЗАМП; да се испита тековниот систем на евиденција, распределба и управување; и да се утврди дали постојат основи за понатамошно постапување согласно закон.
Тоа е суштината на една институционална проверка.
Наместо мирно и транспарентно расчистување на сите отворени прашања, преку полномошник на ЗАМП добивме барање за јавно извинување и повлекување, придружено со најава за кривична и граѓанска постапка.
Дополнителен проблем е што во тоа барање како наводи од Заедничката иницијатива се посочуваат и формулации што во самата иницијатива воопшто не се содржани. Токму затоа во мојот одговор побарав прецизно да се наведе од кој документ, од која страница и од кој контекст се преземени тие формулации.
Но денес веќе не сакам главната тема да биде адвокатското писмо. Постои нешто многу посериозно.
Што можеше да се слушне на јавната седница на Уставниот суд?
Особено значајно е она што можеше јавно да се слушне на седницата на Уставниот суд одржана на 30 септември 2026 година, при разгледувањето на предмет поврзан со правилник на ЗАМП за распределба на авторските надоместоци.
Седницата беше јавно пренесувана во живо, што значи дека изнесените ставови и оценки не се пренесуваат врз основа на приватни разговори, посредни информации или неофицијални извори, туку произлегуваат од јавно достапна расправа пред Уставниот суд. Секој заинтересиран може непосредно да ја слушне расправата и самиот да ја оцени тежината на изговореното.
Во расправата беше укажано дека Судот и претходно се соочувал со исти или слични ситуации поврзани со правилниците на ЗАМП и дека во одделни случаи се одело и кон нивно поништување.
Беше нагласено дека ЗАМП има законско овластување да донесува правилници, но дека притоа мора да се придржува кон критериумите утврдени со закон, наместо преку подзаконски акти да воспоставува сопствени критериуми или да ги проширува своите овластувања.
Но во расправата беа употребени и многу потешки формулации и квалификации. Од страна на судии на Уставниот суд можеше да се слушне дека во практиката на ЗАМП „многу пати“ се случувало „изигрување на законот“, а беше употребена и квалификацијата дека со таквото постапување се овозможува вршење „некој нелегален бизнис“.
Во продолжение беше укажано и на практика по поведување постапка пред Уставниот суд да се менува правилникот, да се создава нова правна ситуација, а додека новиот предмет повторно стигне пред Судот, како што беше кажано во расправата, „тие едноставно си ја полнат касата“.
На истата седница се говореше и за „изигрување на владеењето на правото“, како и за потребата да се најде соодветен начин да се спречи натамошното „изигрување на Уставниот суд“.
Особено сериозен беше и делот од расправата што се однесуваше на доставувањето документи до Судот. Беше кажано дека од ЗАМП не биле доставувани бараните документи и дека за нивно обезбедување морало да се оди и преку инспекциски надзор. Во тој контекст беше изговорена и реченицата: „Како да се работи за најголема државна тајна.“
Кон крајот на расправата беше искажана потребата конечно да се најде начин да се стави „стоп на ова изигрување на Уставниот суд“.
Овде мора да бидам сосема прецизен односно дециден.Овие квалификации не се мои. Не ги создавам јас, ниту ги припишувам некому врз основа на приватни разговори или непроверени информации.
Тие се изговорени во јавна расправа пред Уставниот суд, на седница што беше пренесувана во живо и која јавноста можеше непосредно да ја следи. Токму затоа тие не можат едноставно да бидат игнорирани.
Кога од една страна авторите бараат институционална проверка, а од друга страна во највисокиот орган за заштита на уставноста и законитоста јавно се употребуваат изрази како „изигрување на законот“, „изигрување на Уставниот суд“ и „изигрување на владеењето на правото“, тогаш проблемот одамна престанува да биде личен спор меѓу неколку автори и раководството на ЗАМП. Тогаш станува збор за прашање од сериозен институционален интерес.
Тогаш што уште треба да се случи?
Кога авторите поставуваат прашања и бараат институционална проверка, им се испраќаат адвокатски барања за јавно извинување како и најава за граѓанска тужба и кривична пријава доколку не се повлечат наводите и поднесената иницијатива.
Кога се бара институциите да ги утврдат фактите, одговорот не треба да биде притисок врз оние што ја побарале проверката, туку целосна отвореност и соработка со надлежните органи. Кога се бара институционална проверка (најблаго речено е дрско и безобразно) да се најавуваат постапки против подносителите со цел суптилно да се заплашуваат за да се извинат и да ја повлечат поднесената иницијатива до надлежните инстутуции.
Но само ден по овие случувања од Уставниот суд слушаме оценки за „изигрување на законот“, „изигрување на Уставниот суд“, менување правилници, проблеми со доставување документи, па дури и изрази како „нелегален бизнис“ и „полнење на касата“.
Зарем после сето ова најважното прашање треба да биде како да се замолчат оние што поставуваат прашања?Или конечно треба да се постави суштинското прашање:Дали сегашното раководство на ЗАМП има доволно институционален кредибилитет за да продолжи како ништо да не се случило?
Тоа е прашањето на кое треба да одговорат авторите.Многумина од нас мислиме дека е време за нов почетоксо нови луѓе во раководството на ЗАМП.
ЗАМП не е приватна сопственост на ниту еден претседател, директор на ЗАМП, управен одбор, собрание или група луѓе. ЗАМП постои поради авторите.Раководствата и директорите се менливи. Организацијата и авторските права што таа треба да ги штити се далеку поважни од секој поединец што во одреден момент се наоѓа на функција.
Затоа мојот апел до актуелното раководство на ЗАМП е едноставен и јасен: не ја продлабочувајте кризата. Не трошете уште години во судски постапки, конфликти со автори, меѓусебни обвинувања и постојано докажување кој е во право.
Доколку сте убедени дека сте работеле законито и чесно, дозволете институциите тоа да го утврдат. Но во интерес на ЗАМП и на сите автори, е да отворите простор за ново раководство. Овозможете демократски, транспарентен и неспорен избор. Нека дојдат нови луѓе кои нема да го носат товарот на досегашните конфликти и кои ќе можат да започнат процес на враќање на довербата. Нека се направи целосна проверка на сите спорни прашања и секој денар нека биде проверлив. Немојте да го доведете ЗАМП во ситуација да ја изгуби лиценцата бидејки тогап штета ке биде уште поголема и ненадоместлива.
Нека одлуките на Уставниот суд не се доживуваат како пречка што треба да се надмине со нов правилник, туку како задолжителна правна рамка што мора да се почитува.
И конечно, нека авторот што поставува прашање не биде третиран како непријател на организацијата. Авторот е причината поради која организацијата постои.
Не бараме ничија пресуда бараме одговорност. Ниту оваа колумна, ниту иницијативата што ја поднесовме, не претставуваат пресуда за ничија кривична, граѓанска или друга одговорност. Тоа треба да го утврдат надлежните институции. Но институционалната и моралната одговорност е нешто друго.
Кога недовербата станува толку длабока, кога пред Уставниот суд се повторуваат исти проблеми, кога во јавна судска расправа се слушаат вакви квалификации и кога одговорот кон критичарите станува адвокатско предупредување, тогаш раководството мора да се запраша дали со своето останување ја штити институцијата или само ја продолжува кризата.
Затоа, без омраза, без лична пресметка и без потреба некого однапред да прогласуваме за виновен, јавно повикувам: Актуелното раководство на ЗАМП да го отвори патот за избор на ново раководство.
Направете го тоа достоинствено и во интерес на авторите. Направете го тоа пред поделбите да станат уште подлабоки. ЗАМП може и мора да продолжи да постои. Но довербата не се враќа со закани и непрофесионални адвокатски писма а најмалку со молчење и игнорирање на сериозните забелешки изнесени на јавна седница на Уставниот суд. Таа се враќа со вистина, транспарентност, одговорност и промена.
А понекогаш најодговорната одлука што може да ја донесе едно раководство е да разбере дека прашањето веќе не е дали формално може да остане. Туку дали, за доброто на институцијата и на авторите, дошло времето достоинствено и тивко да си замине.
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.


