
Банката на Англија (Bank of England) денеска предупреди за растечкиот долг поврзан со финансирањето инвестиции во вештачка интелигенција (ВИ), и истовремено укажува на внимание кон ранливостите откриени од неодамнешните безбедносни инциденти.

„Брзиот раст на издавањето долг поврзан со вештачката интелигенција ја зголеми изложеноста на пазарите на капитал во секторот“, се вели во записникот од последниот состанок на Комитетот за финансиска политика (Financial Policy Committee – FPC) на централната банка, одржан на 25 септември.
Долгот издаден на глобално ниво за финансирање инвестиции во ВИ помеѓу јануари и почетокот на септември изнесуваше 450 милијарди долари – повеќе од двојно од нивото за целата 2025 година, според податоците од американската инвестициска банка Морган Стенли.
Tие инвестиции го покажуваат обемот на користење на финансирање со долг во секторот. Тој веќе ги надминува проценетите 330 милијарди долари вкупен долг што се очекува Велика Британија да го издаде оваа година.
Во исто време, Банката на Англија предупредува дека новата ескалација на конфликтот на Блискиот Исток од крајот на август ги влошува изгледите за економски раст и ги поттикнува централните банки во развиените економии да ги зголемат клучните каматни стапки.
Toа создава ризик конфликтот истовремено да изврши притисок врз пазарот на државни обврзници, кредитирањето со висок ризик и ризичните средства, известува британската централна банка.
„Неодамнешните инциденти поврзани со напредните модели го насочија дополнително внимание кон брзиот развој на вештачката интелигенција и нејзините поврзани ранливости“, забележува институцијата.

Веќе се евидентирани неколку случаи во кои моделите од OpenAI, Anthropic и Meta добија автономен пристап до системите на други организации.

