Утрински Весник
Свет

Политико: ЕУ ќе им понуди пристап до единствениот пазар на земјите-кандидатки

Eu zname.jpeg

Европската Унија ќе ја отвори својата огромна економија за земјите што чекаат да се приклучат кон нејзините редови, под услов да се согласат да застанат на страната на блокот против непријателските држави и индустриските соперници, се навеудва во нацрт-предлогот на Европската комисија, до кој увид имаше бриселскиот портал Политико.

На земјите-кандидатки – од кои некои чекаат со децении да станат членки на ЕУ – ќе им биде понудена невидена „постепена интеграција“ во единствениот пазар, вклучувајќи трговија без трикови и пристап до истражувачки програми, додека нивните апликации се работат, се наведува во нацрт-планот.


„Единствениот пазар е прв приоритет за економска конвергенција“, се наведува во прегледот на придобивките „пред проширувањето“ што ќе им се понудат на земјите-кандидатки.

„Пораната интеграција би отворила можности за бизнисите на Унијата, би ги зајакнала европските вредносни синџири и би ги намалила стратешките зависности. Комисијата ќе утврди каде потврденото усогласување на регулативата и капацитетот за спроведување овозможуваат подлабоко учество во истражувањето, иновациите и индустриската соработка и поширок пристап до пазарот. Приоритет треба да им се даде на можностите што ги унапредуваат подготовките за пристапување и ги задоволуваат заедничките економски и стратешки потреби.“

Прегледот, надгледуван од врвниот советник на Фон дер Лајен, Александар Адам – поранешен помошник на францускиот претседател Емануел Макрон, радикално ќе го преобрази пристапот на ЕУ кон земјите во нејзиното соседство. Во моментов, речиси сите економски придобивки од поблиската соработка се резервирани за членките, но ниту една нова држава не се приклучила кон ЕИ, уште од Хрватска во 2013 година.

Како дел од пакетот мерки на Адам, на Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора ќе им бидат понудени „патокази“ дизајнирани да го забрзаат процесот на приклучување во наредните години. Други, како Северна Македонија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија и Турција, кои видоа како процесот се одолговлекува – со растечки стравувања дека ќе се оттргнат или ќе гравитираат поблиску до Русија или Кина.

Според планот на Комисијата, економските придобивки што им се нудат на земјите-кандидатки ќе зависат од нивната поддршка за целите на надворешната политика на ЕУ, при што пристапот до единствениот пазар ќе зависи од тоа дали тие нема да споделуваат клучни технологии со непријателски настроени држави и трговски соперници.

„Како што се продлабочува индустриската и пазарната интеграција, учеството во чувствителните сектори мора да биде проследено со соработка во однос на проверката на инвестициите, контролата на извозот, спроведувањето на санкциите и заштитата на чувствителните технологии“, се наведува во документот за преглед.

„При проценката на пристапот, треба да се земат предвид стратешкото усогласување, критичните зависности и капацитетот за управување со ризиците по инфраструктурата и синџирите на снабдување. Доколку овие услови не се исполнети, обемот на учество треба да се прилагоди во рамките на соодветниот применлив инструмент.“

Меѓу областите што се разгледуваат за поблиска соработка се полупроводниците, квантните технологии, биотехнологијата, вештачката интелигенција и вселенскиот сектор.

Фон дер Лајен денеска пристигнува во Албанија на разговори, како дел од нејзината турнеја низ Западен Балкан. Таа ќе ги посети и Косово и Северна Македонија – земји што нема да бидат опфатени со забрзаниот пат за пристапување кон ЕУ според новиот план – и ќе ја искористи посетата за да побара економски придобивки од поблиското усогласување.

„Постепената интеграција треба да биде опиплива за нашите граѓани и бизниси“, изјави за „Политико“ премиерот на Косово, Аљбин Курти. 

„Сакаме поголем пристап до единствениот пазар на ЕУ, до европските фондови и финансиски шеми, како и до заеднички програми во области како што се енергетиката, дигитализацијата, истражувањето, образованието и инфраструктурата.“

„Ја поддржуваме постепената интеграција, но таа мора да биде пат кон полноправно членство во ЕУ, а не паралелен процес или замена за него. Косово е подготвено да го направи својот дел“, додаде Курти.

Според документот, крајната цел на земјите-кандидати треба да биде полноправно членство во ЕУ. 

„Сепак, пристапувањето бара време: земјите-кандидати мора да поминат низ ригорозен процес заснован на заслуги и да спроведат длабоки и трајни реформи“, се наведува во него. 

„Тоа време треба целосно стратешки да се искористи, како за подготовка на Унијата за проширување на членството, така и за продлабочување на постепената интеграција во области од заеднички интерес.“

Меѓутоа, придобивките ќе зависат од тоа дали земјите ќе го исполнат својот дел од обврските: „Доколку овие обврски не се исполнат, учеството мора да остане реверзибилно. Пристапот треба да се суспендира или укине таму каде што тоа е оправдано“, се предупредува во предлогот.

Сегашните членки на ЕУ изразија загриженост во врска со можноста за прием на нови земји во блокот кои потоа би можеле да ги прекршат своите обврски и да ги поништат клучните политики. Под водство на поранешниот премиер Виктор Орбан, Унгарија го искористи своето вето за да ги блокира санкциите кон Русија и поддршката за Украина.

Можете да прочитате

Британската влада побара од универзитетите да ја прекинат соработката со кинески институт поради шпионажа

Советот на Европа прими 195.000 барања за надомест на штета од руската војна во Украина

Океаните апсорбираа лани рекордна количина топлина