
Во руските воздушни напади врз Киев утрово загинаа најмалку две лица, а уште неколку беа повредени, продолжувајќи ја серијата засилени руски напади врз украинскиот главен град. Во исто време, Русија потврди рекорден воен буџет за 2027 година, сигнализирајќи дека се подготвува за долготрајна војна. Веста доаѓа во време кога Украина се обидува да ја зајакне својата воздушна одбрана со нови западни системи, а се бори и со внатрешни проблеми поврзани со корупцијата, објавува „Киев Индепендент“ .
Утрово, во напад со ракети и беспилотни летала врз Киев, загинаа две лица, од кои едно дете, а четворица беа повредени. Русија ги интензивира нападите врз главниот град од август и се обидува да ја исцрпи воздушната одбрана на Украина со постојани напади со беспилотни летала. Во одделен ноќен напад, едно лице беше рането, а оштетени беа железничко депо, центри за податоци и образовна институција.
Во Сумскиот регион на северот од земјата, во напад со водена бомба врз училиште беа повредени три деца кои во тој момент беа во засолниште. Од друга страна, украинската војска објави успеси во операцијата „Вивалди“, каде што беа ослободени три населени места и беа убиени околу 2.000 руски војници. Воени извори, исто така, тврдат дека руските војници во близина на Купјанск користат цивили како „човечки штитови“ додека се повлекуваат.

Како одговор на воздушната закана, Украина доби нова пратка ракети за својот систем за воздушна одбрана NASAMS. Претседателот Володимир Зеленски го потврди приемот, но истакна дека земјата се соочува со недостиг на залихи. Тој, исто така, објави дека Белгија ќе испорача три ловци Ф-16 до крајот на 2026 година и дека итни пратки муниција за овие авиони веќе пристигнале од Белгија и Шпанија.


