
Во текот на следните недела-две ќе биде одлучено за заменик-министрите, соопшти премиерот Христијан Мицкоски откако со реконструкција во јули Владата доби осум нови министри.

-Јас отприлика имам што, каде и како, така што ќе треба коалициски да седнеме и да го потврдиме тоа и ќе се случи во текот на следните недела-две, рече Мицкоски одговарајќи на ниовинарски прашања по промоцијата на капиталниот проект на АД ЕСМ за трета фаза од ревитализација на хидроелектраните.
Во врска со Изборниот законик и дали ги прифаќаат забелешките на опозицијата, премиерот одговори дека првин очекува опозицијата во Собранието консолидирана да излезе со став.
-Тука мислам, пред сè, на парламентарната опозиција – СДСМ, Левица и Демократската унија за интеграција, нека излезат со став, па тогаш би можеле да коментираме. Вака не можеме да коментираме. Очекувам обединетата опозиција во Македонија – СДСМ, ДУИ и Левица, да излезат со став за да може да дадеме коментар, додаде Мицкоски.

