Утрински Весник
Македонија

Вајц: Македонија е полна со природни убавини, треба да се рекламирате да му ги покажете на светот, тоа носи и економска придобивка

Image 2026 09 25 111731136.png

Ефектите од глобалното затоплување нè погодуваат сите еднакво, а тоа особено се чувствува во земјоделството. Во ЕУ годинава имавме топлотен бран, голема суша и шумски пожари. Ќе речете, да, познато ни е тоа, редовно е овде. ​Но, за многу наши земји ова беше нешто ново. Шумски пожари во Белгија, на австриските Алпи, тоа е нешто ново – изјави европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент за земјата, Томас Вајц, на Втората сесијата на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, на тема животна средина.

-​ Може да зборуваме за ограничување емисии на јаглероден диоксид, но веќе го надминавме оној 1,5 Целзиусов степен, што го потпишавме во Париз. Тој воз замина. ​Не го задоволивме тој праг и таа борба повеќе нема да ја добиеме. И треба да се бориме за секоја десетинка од степен незатоплување и треба да се приспособиме на новата реалност – рече Вајц.


Тој истакна дека во ЕУ речиси 35.000 луѓе починале поради влијанието на жештините.

​- Во минатото имавме само по еден ден над 40 степени, оваа година тоа беа шест дена. Ситуацијата ескалира и политичарите треба да се свесни, да сме свесни дека треба да ги подготвиме општествата, градовите, земјоделството, сообраќајот. И во Австрија, која е доста организирана во однос на железницата, возовите не возеа бидејќи инфраструктурата не беше подготвена за 42 степени. ​За жал, тоа е реалноста што ни се случува – рече Вајц.

Апелира на приспособување на општеството за она што е веќе неизбежно и оти ако не се приспособиме, цената ќе биде висока.

​- Можеме да зборуваме за многу работи за животната средина: управување со отпадни води, депонии, загадување на воздухот, што, за жал, сè уште е важна тема не само во Скопје и Тетово, туку и во целиот регион, не само во Северна Македонија. Може да зборуваме за рударство, има тука многу теми. ​Видете го туристичкиот развој во Албанија и Црна Гора. Јас сум од зелените, ја бранам животната средина за луѓето да имаат убава природа, да им ја покажат на децата, да ја предадат на следните поколенија, но има тука и економски дел – рече тој.

Вајц рече дека Македонија е полна со природни убавини и порача дека треба да се рекламираме за да му ги покажеме на светот.

-​ Ако видиме како Црна Гора и Албанија го развиваат природниот туризам, ќе видите дека ги имате сите предуслови. Северна Македонија е една од најубавите земји што ги имам посетено. Сум бил да планинарам на Пелистер, на Галичица, сум бил во Маврово, на Шара и ви честитам дека имате три национални парка. Колку луѓе знаат за тоа? Рекламирајте се, покажете му на светот какви убавини имате. ​Земјата ви е полна со природни убавини, што претставува и економска можност за целото население, особено за локалното – рече Вајц.

Вајц се осврна и на рударството оценувајќи дека се потребни суровини, но и дека не треба да се губи повеќе отколку што се добива и притоа потенцира дека има современи начини за рударство кои се поеколошки, но поскапи.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Арсова, се осврна за напредокот во законодавството на земјата во областа на животната средина.

– Во изминатиот период постигнат е напредок во усогласувањето на законодавството со европското во климатското управување, мониторингот, заштитата на природата, но и во зајакнувањето на институционалните капацитети. ​Особено значајно е што воспоставивме посебен сектор за климатска акција и тоа е јасен показател дека климатската политика добива сè поголемо институционално значење. Понатамошното зајакнување на техничките и инспекциските капацитети, особено на локално ниво, останува наш приоритет – рече таа.

Таа посочи дека новиот Закон за инспекцискиот надзор, кој стапи во сила во јануари 2026 година, е дополнително позитивна работа, со што и контролата на терен е дополнително засилена, при што само во 2025 биле спроведени 1.772 инспекциски надзори, при што биле утврдени 530 неправилности.

Истакна дека во делот на квалитетот на воздухот исто така имаме конкретен чекор напред, со што во јули 2026 година националната мониторинг-мрежа била проширена со нова автоматска мерна станица во Штип, со што во моментот вкупниот број на станици достигна 23.

– Подготвени се и ажурирани инвентари и проекции на емисиите за 2025 и 2030 година и се доставени до Европската агенција за животна средина и до Економската комисија на ОН за Европа. Тоа покажува дека нашите политики сè повеќе се темелат на податоци, мерливи показатели, што е особено важно во процесот на усогласување со европските стандарди.

Арсова рече дека имаме и значаен напредок во делот на управувањето со отпадот, со што се продолжува со воспоставување на европскиот модел преку системи за проширена одговорност на производителите, подобро селектирање и рециклирање, како и преку инвестиции во регионалната инфраструктура.

– Со значајна финансиска поддршка од ЕУ и нашите меѓународни партнери се реализираат активности за сортирање, рециклирање и компостирање, но и за затворање на несоодветните депонии и дивите ѓубришта. ​Ова е област во која сакаме да продолжиме уште посилно, со поголем фокус на превенција на отпадот, рециклирање, подобрување на податоците и поефикасен надзор. Особено значаен чекор е и подготовката на новиот закон за природа, со кој се предвидува целосно транспонирање на европските директиви за птиците и за живеалиштата – истакна таа.

Арсова рече и дека паралелно се создаваат и предуслови за идната мрежа „Натура 2000“, со што се идентификувани 24 потенцијални подрачја, кои опфаќаат 12-ина проценти од територијата на државата, и тоа, рече таа, е исполнување на европските обврски, но и инвестиција во заштитата на нашето природно богатство и во одржливиот развој на државата.

– ​Климатската акција е уште една област во која бележиме значаен напредок. Владата го усвои предлог-законот за климатска акција и го достави на мислење на Венециската комисија. Со него се поставува основата за следење, известување и верификација на емисиите, дозволите за емисии и јаглеродното ценообразување со јасна стратешка цел – постигнување климатска неутралност – истакна Арсова на Втората работна сесија на 25. Мешовит парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија.

Можете да прочитате

Стојкоски: По стапувањето на должност, побаравме ревизија и почнавме со системско отстранување на утврдените недостатоци

Петрушевски: Филипче со јавните настапи изгледа очајно, а партијата му е во изумирање

Тренчевска: Да се повлече планот за рудниците – Македонија не е на распродажба