Утрински Весник
Македонија

Судење за „Државна лотарија“: Обвинителството презентира докази за злоупотреби – за одбраната тие се нејасни и контрадикторни

Lotarija.webp.webp

Со читање на материјалните докази од страна на Јавното обвинителство, во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за предметот „Државна лотарија“, во кој меѓу обвинетите се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами.

На денешното рочиште, Обвинителството презентираше обемна документација поврзана со основањето на заедничкото друштво со странски партнер, владини одлуки, како и финансиски трансакции поврзани со набавката на видеолотариски терминали (ВЛТ). Обвинителството ги презентираше и договорите за заедничко вложување и основање на „Државна видео лотарија на Република Македонија – Казинос Аустриа ДОО Скопје“ од 2013 година, како и известување од странскиот содружник до Владата од 2022 година за непочитување на правната сигурност.


Како што образложи обвинителот, со овој доказ се укажува дека странскиот содружник реагирал оти правото на приредување електронски игри на среќа било внесено како основачки влог и со него не можело понатаму самостојно да се располага.

Во судницата беа изведени и Програмата за работа на АД „Државна лотарија“ за 2023 година, договор за дело и мислење изготвено од овластен проценувач за вредноста и исплатливоста на вложувањето во видеолотариски терминали, како и информација доставена до Генералниот секретаријат на Владата за потребата од самостојно приредување електронски игри на среќа со анализа на пазарот. Обвинителството се осврна и на доказите што произлегуваат од 158-та владина седница одржана на 6 јуни 2023 година – предлог-дневниот ред, стенографските белешки, записниците, владините заклучоци и одлуката за одобрување на работењето на Управниот одбор на лотаријата, како и мислењето од Министерството за финансии.
Како материјални докази беа приложени и девизни налози, банкарски изводи од Халк банка, аналитички картички за економските оператори „Еврогамес технолоџи“, „Синот“ и „Шпедиција МКД“, како и десетици формулари за реализација на фактури, сметки и испратници за набавените апарати.

– Се работи за финансиска документација којашто е анализирана од страна на вештото лице во врска со испораката на предметот на поединечните договори, односно документација која се однесува за тоа каков тип на стока е испорачан од страна на економските оператори, во кои количини и по кои цени, начинот на којшто е вршено фактурирањето од страна на економските оператори, како и за начинот на извршените плаќања од страна на Државна лотарија во врска со набавката на видеолотариски терминали – образложи обвинителот во судницата.

За бранителот на обвинетиот Бојан Јанев, адвокат Јордан Апостолски, пак, обвинението е слабо, нејасно и контрадикторно, а изведените докази покажуваат дека членовите на Надзорниот одбор постапувале по инструкции и со претходна согласност од Владата, штитејќи го државниот интерес. 

Апостолски истакна дека со досега презентираната документација се засилува тезата на одбраната.

– Со првиот дел од изведените докази се засилува нашата теза дека обвинението е слабо, нејасно и контрадикторно. Од самите докази кои ги видовме денес, произлегува… произлегува дека обвинетите не само што не ги сториле делата кои им се ставаат на товар, туку спротивно, тие постапувале по инструкции на Владата, со претходна согласност од Владата и само го штителе државниот интерес што им била во нивна надлежност како членови на Надзорниот одбор. За другите обвинети не можам да кажам, но членовите на Надзорниот одбор постапувале штитејќи го државниот интерес. И многу е чудно зошто Обвинителството сака да го заштити монополот на Казинос Австрија кој го имале тогаш, а не Државната лотарија да приредува игри на среќа самостојно – изјави Апостолски.

На новинарско прашање во врска со наводите дека постапувањето било спротивно на законот, Апостолски одговори дека Државната лотарија имала законска можност и самостојно да приредува игри на среќа.

– Значи, по нашата теза и по законот што вие ќе го видите во нашата теорија на случај, ќе видите дека не е тоа така, туку Државната лотарија можела и самостојно и заедно со други друштва со ограничена одговорност да приредува игри на среќа. Значи, сосема неточно – рече Апостолски.

Покрај поранешниот вицепремиер Артан Груби и ексдиректорот на лотаријата Перпарим Бајрами, кои беа во бегство, но се вратија и се предадоа на властите во земјава, во овој судски предмет обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски. Тие се товарат дека со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари.

Сите обвинети во претходниот тек на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар.

Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судскиот процес го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски. 

Можете да прочитате

Клековски: Заврши вонредниот инспекциски надзор во болниците во Охрид и Струга и на ГАК 

На Инфективната клиника има 12 пациенти со западнонилска треска од кои три се на интензивна нега и на кислородна поддршка

Филипче: Фалат 1 милијарда евра за исплата на пензии а буџетската дупка продолжува да расте