Утрински Весник
Економија

Денеска можно ново поскапување на дизелот, РКЕ ја прави новата пресметка

Goriva.png

Регулаторната комисија за енергетика денеска треба да ги соопшти новите максимални цени на горивата, а берзанските движења оставаат можност дизелот повторно да поскапи.

Иако цената на суровата нафта на светските пазари се намалува трет ден по ред, тоа не мора веднаш да донесе поевтинување на домашните бензински пумпи. Цената на „брент“ падна од над 108 на околу 103 долари за барел, но РКЕ при пресметувањето не ја зема предвид само суровата нафта.


За новата цена важен е петдневниот просек на котациите на рафинираниот дизел на медитеранската берза, кои во првиот дел од минатата недела останаа на исклучително високо ниво.

Европските цени на дизелот во понеделникот, вторникот и средата достигнаа рекордни вредности поради нарушеното снабдување од Блискиот Исток и намалените резерви. Нивното намалување започна дури во последните два дена од неделата, што значи дека претходните високи котации сепак ќе имаат значително влијание врз просекот што го користи РКЕ.

Доколку пресметката го потврди берзанскиот тренд, постои можност дизелот денеска да поскапи за неколку денари. Конечната одлука ќе зависи и од движењето на курсот на американскиот долар.

Дизелот во моментов се продава по максимална цена од 99 денари за литар.

Поголемото поскапување засега го ограничуваат владините мерки, со кои данокот на додадена вредност за дизелот е намален на 10 проценти, а акцизата за четири денари по литар. На тој начин, дел од берзанскиот раст не се пренесува целосно врз крајната малопродажна цена.

Кај бензините притисокот во моментов е помал, поради што не се очекува поскапување од размерот што е можен кај дизелот.

Новите цени треба да бидат познати по објавувањето на официјалната одлука на Регулаторната комисија за енергетика.

Можете да прочитате

СДСМ: Минималната кошничка речиси 90.000 денари – власта има за авион и DJ, но нема за работникот! 

Филипче: Кошничката со кирија достигна 90.000 денари – во Македонија стана невозможно да се живее

ССМ: Синдикалната минимална кошница за септември 69 432 денари