Утрински Весник
Македонија

Тага во Битола: Ивана загина на патот Битола–Прилеп, нејзината гимназија се прости со емотивна порака

Img 4472.jpeg

Голема тага во Битола по трагичната смрт на 17-годишната Ивана Недановска, која го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа на патот Битола – Прилеп, кај местото викано „Туланата“.

Од својата ученичка со емотивна порака се прости СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола. Од училиштето изразија длабока болка и најискрено сочувство до семејството и најблиските на Ивана.


„Смртта го прекинува животот, не и присуството“, порачаа од гимназијата, нагласувајќи дека загубата на млад човек остава особено тешка празнина во една училишна заедница исполнета со младост, учење, планови и очекувања за иднината.

Од училиштето велат дека по Ивана останува празно место во нејзиниот клас, меѓу нејзините другари и кај наставниците што ја учеле, но и спомен кој ќе продолжи да живее меѓу сите што ја познавале.

„Ќе има едно празно место повеќе. А во него ќе сјае едно име што нема да биде празнина: Ивана Недановска“, стои во емотивната порака.

Во овие тешки моменти, учениците, наставниците, стручните служби, раководството и сите вработени во гимназијата изразија најдлабоко сочувство до семејството и најблиските на Ивана.

Седумнаесетгодишната девојка го загуби животот во сообраќајна несреќа што се случила на патот Битола – Прилеп, кај „Туланата“.

Според информациите од МВР, во несреќата учествувале „опел“ со битолски регистарски ознаки, управуван од 28-годишниот Е.Ф. од прилепското село Канатларци, и „форд“, исто така со битолски регистарски ознаки, управуван од 48-годишниот М.Н. од Долно Српци.

На местото на несреќата починала 17-годишната сопатничка во „опелот“, а лекар од Итната медицинска помош во Битола ја констатирал смртта.

Во несреќата тешко биле повредени возачот на „опелот“, 44-годишната Д.Н. и седумгодишно дете, кои биле сопатници во „фордот“. Повреди добил и возачот на „фордот“, соопшти МВР.

Увид на местото извршила екипа на СВР Битола.

Можете да прочитате

До 20 ноември аплицирање за студентска стипендија, МОН ќе додели вкупно 3000 по нов модел на распределба на средствата

ВМРО-ДПМНЕ: СДС ја саботира институционалната постапка за Алта банка

ЕСМ: Платата ќе биде во законскиот рок, се ажурираат податоци на вработени