Утрински Весник
Македонија

Исмаил: Ќе даде ли Министерството согласност за спорниот ДУП на Водно?

Ismail.png

Соопштение за јавност на Левица:

Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, во Фејсбук објава извести дека доставил пратеничко прашање до министерот за транспорт Александар Николоски за постапувањето на Министерството во однос на Нацрт-ДУП-от за Градска четврт Ј 05 – Барутана во Општина Центар. Од министерот се бара одговор каква документација досега пристигнала во Министерството, дали е вршен надзор над законитоста на постапката и врз кои стручни анализи ќе се оценува влијанието на предвидената градба врз Водно и јавниот интерес.


Во пратеничкото прашање се посочува дека со Нацрт-планот се предвидува изградба на 25 објекти со вкупна бруто-развиена површина од приближно 29.459 квадратни метри. Исмаил бара Министерството да одговори дали располага со геолошки, геомеханички, хидролошки, ерозивни, еколошки, сеизмички, сообраќајни и противпожарни анализи од кои може да се утврди дека реализацијата на планот нема да има штетно влијание врз Водно, околните населби, животната средина и безбедноста на жителите.

Дополнително, од Николоски се бара одговор дали Министерството ќе ја проверува усогласеноста на планот со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, законитоста на постапката, спроведувањето на јавната презентација и анкета, заштитата на шумата и постојното зеленило, стабилноста на теренот, опасноста од ерозија и атмосферски води, како и сообраќајната, водоводната, канализациската и противпожарната инфраструктура. Во прашањето се отвора и дилемата дали создавањето услови за приватни станбени или други објекти може да се смета за јавен интерес доколку подразбира дополнителна урбанизација на падините на Водно, уништување зеленило или создавање нови безбедносни и инфраструктурни ризици.

Исмаил бара и недвосмислен одговор што ќе направи Министерството доколку утврди материјални или процедурални недостатоци, незаконитости или загрозување на јавниот интерес: дали ќе одбие да даде согласност, ќе побара отстранување на недостатоците или повторување на дел од постапката, ќе побара независна стручна ревизија или ќе преземе други постапки пред надлежните институции. Од министерот се бара и јавно да се изјасни дали Министерството би дало согласност на план кој би ја загрозил шумата и зеленилото на Водно, стабилноста на теренот или безбедноста на жителите.

Во образложението на прашањето Исмаил го поврзува институционалното постапување на Министерството со јавните изјави околу гласањето за планот и нагласува дека одговорноста не завршува со Советот на Општина Центар. Според образложението, Министерството има улога во понатамошната постапка за давање согласност и надзор над законитоста, поради што од Николоски се бара да одговори дали Министерството ќе постапи како контролен механизам за законитоста и јавниот интерес или согласноста ќе биде сведена на формално одобрување.

„Еве ви ја шансата, министре Николоски. Ќе го спречите ли овој ДУП доколку утврдите дека е спротивен на јавниот интерес и законските прописи, или и Вие ќе бидете само уште една алка во партиската машинерија?”, порача Исмаил, повикувајќи Министерството своите надлежности да ги искористи за проверка на законитоста, заштитата на Водно и безбедноста на граѓаните.

Можете да прочитате

„Системот е во колапс поради лоша имплементација“: Петковска за трката за ОЈО ГОКК и блокадата во Судскиот совет

Чилиманов: ЛДП му нуди помош на неспособното ЈО – отворете експресна постапка за независноста, па споредете со случајот „Груби”, по член 353 од КЗ!

Ученик од Ѓорче Петров тешко повреден откако бил претепан од група малолетници