Утрински Весник
Балкан

РЕКОРДНА ЗАПЛЕНА ВО БИХ: Паднаа 1,1 тон дрога вредна до 33 милиони евра

Screenshot 2026 09 17 172105.jpg

Рекордни 1,1 тон синтетичка дрога, чија улична вредност може да достигне дури 33 милиони евра, запленија властите во Босна и Херцеговина во голема полициска операција во близина на Сараево.

Станува збор за најголемата заплена на синтетички наркотици во историјата на БиХ. Во акцијата досега е уапсено едно лице, а претресите на повеќе локации продолжуваат.


Операцијата под кодно име „Буре“ била спроведена на 16 и 17 септември на подрачјето на општина Илијаш, во Кантонот Сараево.

Граничната полиција на БиХ и Управата за индиректно оданочување, со помош на полицијата на Кантонот Сараево, откриле вкупно 1.095 килограми, односно приближно 1,1 тон синтетички наркотици.

Станува збор за синтетички катинон – опасен стимуланс кој се користи како замена за кокаин и екстази.

Според проценките на Граничната полиција, запленетата дрога има пазарна вредност од околу пет милиони евра. Но, доколку завршела на улица и била продавана во поединечни количини, нејзината вредност би била многукратно поголема.

Синтетичките стимуланси од овој тип на уличниот пазар во БиХ и регионот се продаваат по цена од околу 20 до 30 евра за грам. Според таа пресметка, вкупната улична вредност на запленетата количина се проценува меѓу 25 и 33 милиони евра.

За време на операцијата полицијата запленила и предмети кои би можеле да бидат поврзани со производство на синтетички дроги.

Меѓу нив се специјални заштитни маски за целото лице со напредни филтри и системи за довод на воздух, какви што се користат како заштита при хемиска синтеза и производство на нелегални супстанции.

Запленети се и огнено оружје, мобилни телефони, печати и деловна документација на правни лица.

Акцијата се спроведува под надзор на Обвинителството на Босна и Херцеговина и по наредба на Судот на БиХ, а целта е целосно документирање на сомненијата за неовластен промет со опојни дроги.

Едно лице е лишено од слобода, но истрагата не завршува тука. Претресите на повеќе локации продолжуваат, а надлежните најавуваат натамошна работа на случајот.

Можете да прочитате

САД и ЕУ реагираа по пресудата за Тачи: Да се почитува судот, да нема тензии

Рама: Пресудата за Тачи и водачите на ОВК е срамна

Хашим Тачи осуден во Хаг, еве колку години ќе треба да одлежи