Утрински Весник
Македонија

Година и половина од трагедијата во „Пулс“ – родителите стравуваат од пуштање на сопственикот од притвор

Img 4229.jpeg

Родителите на починатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, поддржани од бројни граѓани, денеска по 49. пат излегоа на улиците во Кочани, барајќи правда и одговорност за загубените животи на нивните деца.

Маршот се одржа на денот кога се навршуваат точно година и половина од кобната ноќ на 16 март, трагедија која остави длабока рана во Кочани и во целата држава.


Со транспаренти во форма на срце, на кои беа испишани имињата на жртвите, родителите и граѓаните маршираа низ градот, по што се собраа на кружниот тек на булеварот „Стево Теодосиевски“. Таму, во тишина и со запалени свеќи, уште еднаш им оддадоа почит на загинатите.

За разлика од претходните собири, овојпат родителите имаа едно централно обраќање. Тоа се одржа пред зградата на Судот и траеше повеќе од десет минути, а во фокусот повторно беше нивното барање судските постапки да донесат целосна одговорност за трагедијата.

Особен револт кај родителите предизвикува прашањето за притворот на сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов. Според информациите изнесени на маршот, се приближува истекот на едногодишниот период на притвор од подигнувањето на обвинителниот акт, а родителите реагираа и на информациите дека бил понуден имот како гаранција за негово евентуално пуштање на слобода.

Од пред Судот тие порачаа дека нема да се откажат од борбата за правда и дека ќе продолжат да бараат одговорност за секој што со своите постапки или пропусти придонел за трагедијата.

И година и половина по пожарот, Кочани повторно маршираше во знак на сеќавање на загинатите. Со фотографии, имиња, свеќи и пораки за правда, семејствата порачаа дека нивната борба продолжува и дека времето нема да го намали нивното барање трагедијата во „Пулс“ да добие целосна судска разрешница.

Можете да прочитате

Родителите во паника, пожарникарите влегле преку тераса во Струмица, девојчето го нашле во длабок сон

Средба Мицкоски-Селф во Вашингтон: Разговори за зајакнување на партнерството со САД

Судот го осудил Јакимовски, а не било утврдено каков е објектот – Врховен ги укина пресудите