
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во Неготинско Тремник, имаше средба со лозари, на која што се разговараше за проблемите со откупот и цените на грозјето. На средбата лозарите алармираа дека црното грозје од сортата Вранец не се откупува, им скапува, а белото грозје се откупува по понижувачка цена од 14 денари за килограм. Филипче посочи дека лозарите денес се соочуваат со ситуација во која вложениот труд, средства и целогодишната работа им пропаѓаат пред очи, а власта не носи никаква мерка за да им помогне на лозарите да ја пребродат кризата.
Тој нагласи дека ова не е проблем само на лозарите од Неготинско, туку состојба со која се соочуваат лозарите во целата држава, додавајќи дека во услови кога власта има 5,5 милиони евра за Дејвид Гета, за лозарите нема пари. На средбата Филипче потсети дека во времето на владите на СДСМ трудот на лозарите беше ценет и вреднуван – се зголемија субвенциите и навреме се исплаќаа, секогаш кога лозарите се соочуваа со проблем владите на СДСМ носеа интервентни мерки, што не е сега случај со власта на ВМРО. Филипче најави дека согласно сегашната состојба на терен, кога големи количини грозје скапуваат, СДСМ повторно ќе предложи конкретни мерки за да им се помогне на лозарите.
„Ќе направиме предлог мерка за поддршка на лозарите согласно состојбата на терен, колку од лозарите имаат предадено грозје за откуп, колку немаат, колку од грозјето скапува по нивите и од дождот, и според тоа во најкус рок ќе дадеме соодветен предлог во Собранието за помош на лозарите”, рече Филипче.

Инаку, и претходно, уште на почетокот на откупот, СДСМ предложи да се зголеми откупната цена за 5 денари по килограм, да се укине 8-процентниот попуст што се бара за побрза исплата и интервентен откуп од страна на државата на црното грозје кое ќе остане непродадено, но Владата не ги прифати мерките. Лозарите се пред пропаст, а последиците од ваквата негрижа на власта за една од најважните извозно-ориентирани гранки допрва ќе се видат преку намалени површини и производство на грозје.


