
Започнаа активностите за архитектонско и декоративно осветлување на Камениот мост, еден од најзначајните симболи на Скопје и препознатливите обележја на градот.
Проектот има за цел да ја истакне архитектонската убавина и историската вредност на Камениот мост, создавајќи впечатлива ноќна визура која ќе биде дел од препознатливата панорама на Скопје.
Современото осветлување ќе биде внимателно усогласено со архитектонските карактеристики и автентичноста на мостот. Посебен акцент ќе биде ставен на неговите препознатливи камени сводови, со цел нивната форма и историска вредност да дојдат до израз, без да се наруши изгледот и карактерот на објектот.
Камениот мост е сведок на историјата на Скопје и еден од најзначајните елементи на градскиот идентитет. Како врска меѓу двата брега на Вардар, мостот со векови е дел од животот на градот и неговите граѓани.
Реализацијата на проектот е резултат на пријателството и добрата соработка со Општина Есенлер, Република Турција, потврдени преку неодамна потпишаниот Протокол за соработка.
Од Градот Скопје изразуваат благодарност до Општина Есенлер за поддршката, како и до сите институции, стручни лица и поединци кои се вклучени во реализацијата на проектот.
„Нашите симболи ја носат приказната за тоа кои сме. Наша обврска е да ги чуваме, да се грижиме за нив и достоинствено да им ги предадеме на идните генерации. Камениот мост е симбол на Скопје и заслужува да ја добие вистинската светлина и во ноќната панорама на градот”, порачаа од Градот Скопје.

Со реализацијата на проектот, Камениот мост ќе добие нов визуелен идентитет во вечерните часови, со што дополнително ќе се збогати градскиот простор и туристичката понуда на Скопје.


