Утрински Весник
Македонија

Притворот на Дејан Јованов истекува на 3 октомври, одбраната најави гаранција во имот за определување мерки на претпазливост

Puls.webp.webp

Одбраната на првообвинетиот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов, најави дека во текот на оваа недела ќе поднесе гаранција во имот за определување на мерки на претпазливост, со оглед на тоа што на 3 октомври по сила на закон му истекува едногодишен притвор.

Адвокатката Ивана Коцевска на денешното рочиште во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје, побара дозвола од Судот нотар да го посети Јованов во притвор за да се завери изјава за согласност за оптоварување на имотот кој ќе биде понуден како дел од гаранција.

– По сила на закон на Дејан Јованов му истекува притворот на 3 октомври и тоа не е по вина на одбраната, туку по закон. Имајќи предвид дека судот може да даде само мерки на претпазливост, најавуваме дека во текот на оваа недела ќе биде поднесен предлог за определување на гаранција – изјави Коцевска.


Вината зошто на овој Судскиот процес се уште не му се гледа крајот, според Коцевска, е широкото опфатено обвинение и долгата временска рамка и неможноста за докажување на одговорност.

-Не ја негираме одговорноста на Дејан за настанот, туку бараме да му бидат испочитувани неговите права. Фер постапка и фер судење не е привилегија на обвинетиот, туку гаранција и мора да се почитува и во најтешките предмети – изјави Коцевска.

Коцевска, нагласи дека одбраната е спремна да предложи гаранција заради поголема сигурност и за судот и за јавноста дека Јованов ќе биде обезбеден, присутен и достапен во целост во понатамошниот тек на оваа постапка.

Одговарајќи на новинарско прашање на пауза од денешното рочиште, Коцевска нагласи дека тие не негираат одговорност кај Дејан Јованов, туку дека нивната борба е да се утврди реална правна квалификација за одговорноста кај него, што, како што нагласи “не може да биде со умисла, туку може да биде само од небрежност”.

– Ние не дадовме признание на вина во текот на постапката од проста причина што ја негираме правната квалификација на делото. Умислата ја негираме. Со самото тоа ние не ја негираме одговорноста којашто постои кај Дејан Јованов. Кај Дејан Јованов де факто постои одговорност, меѓутоа не на начинот којшто тоа е срочено во обвинението. И затоа бараме да се дозволи да му се почитува правото и на фер начин да се утврди неговата одговорност за којашто ние се бориме – изјави Коцевска.

Судијката Дијана Груевска-Илиевска, постети дека уште од почетокот на судскиот процес се почитува и ќе се почитува законот и правото за секој.

-Точно е дека ниту по ваша вина, на одбраната, ниту на Судот, притворот од една година мора да заврши, изјави судијката Груевска Илиевска.

Денешното рочиште на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, продолжува со дополнителни прашања од Обвинителството за градежните вештаци кои учествувале во изработката на градежното вештачење на Обвинителството.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Со изведувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, и распит на вештите лица што го изработил, како што е најавено треба да заврши изведувањето докази од Обвинителството, по што, треба да почне со изведување на докази одбраната.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

Можете да прочитате

МЗ: Инициран вонреден инспекциски надзор за третманот што го добила медицинската сестра Љубица Шавреска која го загуби плодот

Работна средба со Судскиот совет за актуелните состојби и реформите во правосудството

Мицкоски: Остануваме посветени на изградба на дата центри, светот оди во таа насока и процесот е неповратен