Утрински Весник
Македонија

Мајка на две близначки со аутизам седи со нив на часови во училиште во Карпош затоа што МОН не обезбедило образовни асистенти

Skolo.webp.webp

Мартина Младеновски од скопската населба Нерези вели дека нејзините ќерки, кои имаат аутизам, годинава тргнале во прво одделение во основното училиште „Братство“. Поради недостигот од потребната стручна поддршка, од 1 септември таа самата присуствува на часовите.

Семејството навреме ја доставило потребната документација и препораките од надлежната комисија. Барањето за образовни асистенти било поднесено уште на 4 мај, при уписот на девојчињата, но постапката за нивно ангажирање сè уште не е завршена.


Според објаснувањата што ги добиле родителите, се чека одобрение од Министерството за образование и наука, по што училиштето со ресурсен центар „Златан Сремец“ треба да распише оглас и да ги ангажира асистентите.

Младеновски вели дека училиштето се обидува привремено да најде решение и да обезбеди лица што ќе им помагаат на девојчињата. Сепак, честото менување на лицата што им даваат поддршка создава дополнителни тешкотии, особено затоа што на децата со аутизам им се важни позната средина, воспоставена доверба и стабилна дневна рутина.

„Разбирам дека постојат процедури. Но децата не можат да чекаат администрацијата да си ја заврши работата“, вели мајката за „Сакам да кажам“.

Таа нагласува дека не бара посебен третман, туку нејзините деца да ја добијат поддршката што им е потребна за рамноправно да ја следат наставата.

Недостигот од асистенти директно влијае и врз целото семејство. Мајката не може да се вработи бидејќи мора постојано да биде со девојчињата, додека таткото работи за да ги покрие секојдневните трошоци, приватните здравствени прегледи и додатоците во исхраната што не се обезбедуваат на рецепт. Семејството истовремено се грижи и за помало бебе.

МОН: Во тек е ангажирање дополнителен кадар

Од Министерството за образование и наука не соопштиле конкретен рок до кога девојчињата ќе добијат асистенти. Оттаму информирале дека во тековната учебна година во основното образование се ангажирани 1.358 образовни асистенти, а првпат се обезбедени и 166 асистенти за средношколците.

Од МОН велат дека е започната постапка за ангажирање дополнителен број стручни лица, во согласност со пријавените потреби на родителите. Додека трае изборот, училиштата биле задолжени да ги употребат сите расположливи кадровски и стручни капацитети за да им обезбедат поддршка на учениците со попреченост.

Случајот на близначките не е изолиран. Повеќе родители преку социјалните мрежи известуваат дека нивните деца ја започнале учебната година без образовен асистент, иако барањата и документацијата ги доставиле навреме.

За овие ученици доцнењето не претставува само административен проблем. Без постојана и стручна поддршка им се отежнува приспособувањето кон новата средина, следењето на наставата и вклучувањето во училишната заедница, додека товарот повторно го преземаат нивните семејства.

Можете да прочитате

30 и 35 години независност: Неверојатна разлика и во парите и во транспарентноста

Јовица Радески е кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Брвеница

Татко и син загинаа во сообраќајка близу скопскиот Аеродром