Утрински Весник
Македонија

Андоновски: Со м.Услуги личната карта и возачката дозвола ќе бидат достапни директно на мобилен телефон

Image001 1.jpg

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, гостуваше во емисијата „Меѓу редови” на Алфа ТВ, каде што говореше за новата мобилна апликација м.Услуги. Апликацијата ќе ги содржи личните документи на граѓаните во електронска форма, меѓу кои личната карта и возачката дозвола, а во почетната фаза преку неа ќе бидат достапни и неколку електронски услуги од јавната администрација.

„Ветив дека во втората половина од мандатот ќе успееме да подготвиме мобилна апликација. Сега конечно можам да кажам дека таа е подготвена и во моментов ја тестираме. Во октомври ќе организираме голем настан на кој ќе ја промовираме пред граѓаните”, истакна Андоновски.


Тој објасни дека м.Услуги е замислена како единствено место преку кое граѓаните ќе можат да пристапуваат до своите документи и до услугите на државата.

„Ја замислуваме како апликација што ќе ви биде потребна за сè што сакате да завршите, а е поврзано со државата. Во моментов постојат повеќе различни апликации и системи, а нашата цел е услугите за граѓаните да ги обединиме на едно место. За почеток, во апликацијата ќе бидат достапни електронската возачка дозвола и електронската лична карта, како и неколку електронски услуги од јавната администрација”, рече министерот.

Андоновски нагласи дека користењето на апликацијата нема да биде задолжително и дека граѓаните ќе можат и понатаму да ги користат постојните физички документи.

„Во изминатиов период добив многу прашања во врска со ова. Сакам да потенцирам дека апликацијата нема да биде задолжителна. Граѓаните кои не сакаат да ја користат нема да мора да ја преземат и ќе можат да продолжат да ги користат постојните документи за идентификација. Апликацијата ќе биде бесплатна за сите што ќе одлучат да ја користат”, посочи Андоновски.

Апликацијата е изработена во рамките на проект вреден 1,5 милиони евра, обезбеден во соработка со надлежните институции од Полска и Украина и со Европската Унија.

„Државата не ја плати изработката на апликацијата. Станува збор за голем проект што го донесовме во 2024 година во соработка со полското и украинското министерство и со Европската Унија. Апликацијата е изработена од македонски инженери, таа е македонски производ и останува во сопственост на државата”, додаде министерот.

Во продолжение на гостувањето, Андоновски се осврна и на отпорот кај дел од институциите во однос на прифаќањето на електронските документи.

„Сè уште има институции кои не ги прифаќаат електронските документи на граѓаните, иако тоа е нивна законска обврска. За правните лица, односно институциите што нема да го почитуваат законот, ќе следуваат предвидените казни. Во наредниот период тоа ќе биде предмет на надзор од страна на надлежниот инспекторат. Оставивме доволно време и простор за приспособување, но сега мора да го почитуваме законот и да бидеме во чекор со светот”, нагласи Андоновски.

Тој најави дека првата верзија на м.Услуги континуирано ќе се надградува со нови содржини и функционалности, со крајна цел апликацијата да прерасне во европски дигитален паричник.

„Ова е првата верзија и очекувано е да има простор за подобрување. Но, ние веќе размислуваме за втора верзија, која ќе содржи повеќе функционалности и постепено ќе прерасне во вистински дигитален паричник. Крајната цел, утврдена и во Реформската агенда, е до 2028 година тој да стане европски дигитален паричник. Со тоа, Македонија ќе биде меѓу првите петнаесетина европски држави со ваков тип современа апликација”, заклучи Андоновски.

Можете да прочитате

Кривична пријава против 27 лица за лажните возачки дозволи

Мајка на две близначки со аутизам седи со нив на часови во училиште во Карпош затоа што МОН не обезбедило образовни асистенти

До 7:30 часот активни три пожари