Утрински Весник
Македонија

Ќе се градат 1.248 нови станови, од нив 752 во Скопскиот Регион

Zgradi.jpeg

Во Македонија во јули годинава биле издадени 367 одобренија за градење, со кои е предвидена изградба на вкупно 1.248 станови. Повеќе од половина од новите станбени единици, односно 752, ќе се градат на подрачјето на Скопскиот Регион.

Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупната корисна површина на планираните станови изнесува 100.440 квадратни метри. Просечната површина на еден стан, според овие податоци, би изнесувала нешто повеќе од 80 квадратни метри.


Во јули биле издадени 8,5 проценти помалку одобренија за градење во споредба со истиот месец минатата година. Најмногу одобренија, вкупно 109, биле издадени во Скопскиот Регион.

Од вкупно 367 издадени одобренија, 227 или 61,9 проценти се однесуваат на објекти од високоградба. За објекти од нискоградба биле издадени 39 одобренија, додека 101 одобрение се однесува на реконструкции.

Како инвеститори на 209 објекти, односно на 56,9 проценти од планираните градби, се јавуваат физички лица. Деловните субјекти се инвеститори на преостанатите 158 објекти.

Предвидената вредност на сите објекти за кои биле издадени одобренија изнесува речиси осум милијарди денари. Тоа претставува намалување од 74,8 проценти во споредба со јули минатата година.

Од Државниот завод за статистика објаснуваат дека големата разлика се должи на тоа што во истиот период минатата година било издадено одобрение за изградба на ветерен парк на територијата на општините Штип, Радовиш и Карбинци.

Можете да прочитате

Побарал над 15.000 евра, зел обележани пари и бегал – уапсен директор на Царина

Клековски: 193 нови лекови на Есенцијалната листа – за првпат контрацепција и терапија за откажување од пушење

Митева: Ниту денар од Буџетот за прославата – 300 милиони денари обезбеди Лотарија