
Првиот министер за одбрана на независна Македонија, Трајан Гоцевски, во специјалното издание на „Отворено студио“ на 4ТВ, посветено на независноста на државата, се наврати на драматичниот период на осамостојувањето и безбедносните предизвици со кои Македонија се соочувала на почетокот од 1990-тите години.
Гоцевски посочи дека Македонија била последната од југословенските републики на Балканот што тргнала по патот на независноста и дека целиот процес се одвивал во исклучително сложени околности, проследени со силни политички и безбедносни притисоци.
Според него, историското значење на осамостојувањето е огромно, бидејќи македонскиот народ за првпат добил можност да живее во сопствена суверена и независна држава.
Во разговорот за 4ТВ, Гоцевски откри и детали за безбедносната состојба во Македонија во периодот кога југословенската федерација веќе се распаѓала, а во делови од поранешната држава започнувале вооружени конфликти.
Според неговото сведоштво, тогашното сојузно претседателство на Југославија ѝ дало овластување на Југословенската народна армија да интервенира во републиките во кои ќе бидат препознаени сепаратистички активности.
„Беа подготвени за четири до шест часа Македонија да ја стават под воена управа“, изјави Гоцевски во „Отворено студио“ на 4ТВ.
Тој нагласи дека опасноста била уште поголема поради фактот што Македонија во тој момент немала сопствена армија со која би можела да одговори на евентуална воена интервенција.
Од другата страна била ЈНА – воена сила која располагала со значително поголем број припадници, тешко вооружување и воена инфраструктура на територијата на Македонија.
Во такви услови, новото државно раководство било исправено пред исклучително чувствителна задача – да го реализира процесот на осамостојување без земјата да биде вовлечена во воените конфликти кои веќе го зафаќале регионот.
Сведоштвото на првиот министер за одбрана покажува колку неизвесен бил безбедносниот контекст во кој Македонија го започнала патот како независна држава и колку сериозна била опасноста политичката одлука за самостојност да предизвика воена реакција.

