
На официјалната страница на Инспекторатот за употреба на јазиците е објавена информација за средба меѓу директорот на институцијата, Арсим Идризи, и заменик-министерот за образование Дритон Сулејмани. Но, наместо информации за конкретна институционална соработка, надлежности или активности, во објавата во преден план е ставен нивниот долгогодишен заеднички „политички пат“.

Објавата, потпишана од д-р Арсим Идризи, е придружена со фотографија од двајцата функционери во угостителски објект.
„Секогаш е задоволство да разговарате со човек со кого го започнавме нашиот политички пат пред повеќе од една деценија. Но, пред сè, најголемото задоволство е кога и по толку години, кај еден човек остануваат непроменети човечноста, искреноста и почитта“, се наведува во објавата.
Токму ваквата формулација отвора повеќе прашања. Од објавеното не може да се утврди во какво својство била одржана средбата, која била нејзината институционална цел и каква врска има заедничкиот „политички пат“ на двајцата функционери со надлежностите на Инспекторатот за употреба на јазиците.
Во текстот нема информација за евентуални контроли, спроведување на законските надлежности, употребата на јазиците во образовниот систем или за конкретна иницијатива меѓу Инспекторатот и Министерството за образование и наука.
Нема ниту податок дали средбата завршила со договор, заклучок, план за соработка или друга активност од јавен интерес.
Наместо тоа, јавноста преку официјалниот канал на една државна институција добива порака за личниот однос и политичкото минато на двајца функционери.
Оттука се поставува прашањето каде е границата меѓу институционалната комуникација и политичката промоција. Официјалните интернет-страници и профили на државните органи првенствено треба да ја информираат јавноста за нивната работа, одлуките, активностите и начинот на кој ги извршуваат законските надлежности.
Дополнително внимание привлекува фактот што политичката блискост е нагласена токму преку официјален канал на Инспекторатот. Како државна институција, неговото постапување и комуникација со јавноста треба да бидат професионални и институционални, без оглед на партиските биографии или личните односи на функционерите кои во одреден период раководат со институцијата.
Доколку средбата меѓу Идризи и Сулејмани била службена, јавноста останува без одговор што конкретно било разговарано и што од средбата би требало да произлезе. Доколку, пак, станувало збор за приватна или пријателска кафе-средба, тогаш се отвора друго прашање – зошто таа се промовира преку официјалниот канал на државниот Инспекторат?
Објавата завршува со пораката дека „времето менува многу нешта, но вистинските вредности остануваат“.
Но, за јавноста останува неодговорено многу поконкретно прашање: што од оваа средба е поврзано со работата на Инспекторатот за употреба на јазиците и со јавниот интерес?



