Утрински Весник
Македонија

Миноски: Партиите станаа агенции за вработување, тендери, функции и привилегии

791144096 10243691401130270 9209821503211100184 n.jpg

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски, во пресрет на 35-годишнината од независноста на Македонија, преку објава на Фејсбук направи критички осврт на политичкиот и економскиот развој на државата во изминатите три и пол децении, оценувајќи дека очекуваниот плурализам постепено бил заменет со партиократија, клиентелизам и систем во кој партиите се поставуваат над институциите.

Во статусот насловен „35 години независност – од еднопартиски систем до плурализам и партиократија“, Миноски потсетува на ентузијазмот што постоел на почетокот на 90-тите години, кога распадот на поранешната федерација ја отворил можноста за создавање самостојна држава и повеќепартиски демократски систем.

Според него, тогаш постоела надеж дека новиот систем ќе донесе поголема транспарентност во носењето одлуки, поправедна држава и можност граѓаните да напредуваат без припадност кон партиска номенклатура.

Миноски оценува дека голем дел од тие очекувања не се оствариле.

Тој особено се осврнува на процесот на приватизација, за кој смета дека, наместо да создаде конкурентна економија, успешни компании и силна средна класа, довел до големо економско и социјално раслојување.

„Наместо капитализам преку ноќ се создаде систем на своевидни новокомпонирани феудалци кои имаа монопол над капиталот наспроти армија од стотици илјади невработени – стечајци“, пишува Миноски.

Според поранешниот министер, паралелно со економските проблеми се развивал и нов систем на вредности во кој клиентелизмот добивал сè поголема улога, а зависноста на поединецот од политичките структури станувала средство за обезбедување егзистенција и материјален напредок.

Миноски смета дека промените на власта не донеле суштинска промена на системот, а дел од некогашните антисистемски активисти со текот на годините станале дел од политичката структура против која претходно декларативно се бореле.

Како што растел државниот буџет и улогата на државата како работодавач и купувач на стоки и услуги, според него, така се зацврстувала и партиократијата.

„Наместо плурализам, постепено како во временоплов добивавме систем во кој партијата повторно се поставува над институциите и државата“, наведува Миноски.

Тој оценува дека партиите се претвориле во места каде граѓаните очекуваат да им бидат решени личните проблеми – од вработување и унапредување, до раководни функции, тендери и други привилегии – а за возврат од нив се бара политичка лојалност.

Според Миноски, во такви услови идеологијата и колективната идеја сè повеќе исчезнуваат, додека партиските структури се претвораат во механизми за остварување материјални интереси.

Поранешниот министер предупредува и на слабеењето на институциите, наведувајќи дека нивната функција се дерогира кога лицата што управуваат со нив се повеќе лојални на партиските врвови отколку на државата.

Како еден од најголемите проблеми на партиократијата тој ја посочува негативната селекција.

„Проблемот на партиократијата е што таа не може да произведе развој затоа што не се базира на објективни критериуми, а со тоа во себе ги содржи постулатите на нејзината пропаст – негативната селекција“, пишува Миноски.

Според него, ваквите системи можат да опстојуваат сè додека има доволно средства за одржување на клиентелистичката пирамида, во која најголемиот дел од придобивките завршуваат кај оние на врвот.

Осврнувајќи се на изминатите 35 години, Миноски оценува дека наместо држава со силни и независни институции, Македонија повторно се приближила кон модел на „партија-држава“, култ на личноста и медиумски систем во кој политичките центри на моќ имаат силно влијание.

Сепак, неговата порака е дека борбата за системот што граѓаните го посакувале со независноста не треба да запре.

„Тоа, се разбира, не е Македонија и системот што го посакувавме пред 35 години“, наведува Миноски, додавајќи дека мора да продолжи борбата за поправедна, поразвиена, демократска и слободна Македонија, како и против деспотијата, приватизацијата на државата, подаништвото и клиентелизмот.

Според него, за тоа е потребно активно учество на секој поединец, водено од националниот интерес и општото добро на сегашните и идните генерации, наместо од моменталната лична корист.

Можете да прочитате

Собранието ја донесе Стратегијата за безбедност на сообраќајот 2026-2030  и 40-ина закони по скратена постапка

Лишени од слобода две лица во Струга, пронајден е пиштол

Мицкоски: Од ограбена држава клекната на колена за три години направивме подобро место за живеење