Утрински Весник
Македонија

Кој ја плаќа политиката и политичката сметка?

Aff 2025 2 683x1024 1.jpg

Пишува: Проф д-р Иван Анастасовски

Во Македонија политиката најчесто се води како да е натпревар (но не спортски) во кој победникот добива сè, а губитникот само чека некоја нова шанса во иднината. Со ова мислам на политика кој се сведува само на броење мандати, проценти, функции, коалиции и политички поени. Но тука, постои едно суштинско прашање што многу поретко се поставува во јавноста, а се коментира по кафулиња и ресторани кај нас, а тоа е: Кој ја плаќа сметката (политичка)?

Одговорот на ова прашање е многу едноставен и многу јасен тоа е неговото височество граѓанинот. Тој истот граѓанинот ја плаќа политичката сметка преку даноците, ја плаќа преку цените, ја плаќа преку јавниот долг, ја плаќа преку времето изгубено пред институциите, а особено ја плаќа преку корупцијата, преку неефикасноста и преку секоја погрешна политичка одлука што на крајот се претвора во економски трошок.

И затоа политиката не смее да биде само гола борба за власт, таа мора одговорно управување со наши пари, наши животи и наша иднина. Кога државата троши, свушност не троши „државата“, тоа се пари што сме ги создале ние граѓаните и компаниите кои функционираат на нашата територија. Кога се зголемува јавниот долг, тој едноставно не исчезнува како долг, туку тој само се префрла кон идните генерации кои ќе имаат обврска да го враќаат. Исто така кога институциите се неефикасни, цената за жал преку своите не(коректни) одлуки не ја плаќа политичарот, туку напротив ја плаќаме ние граѓаните кои чекаме одредена услуга, дозвола, решение, правда и слично.

Би сакал (но свесен дека не е лесно) токму тука и токму сега да започне новото мерење на политичкиот успех на политичарот и на партиите. Но тоа не не треба да им го мериме според прашањето „Колку гласови освои/вте?“, туку напротив со прашањето „Што од тоа доби/ва граѓанинот?“. Токму на ова прашање се надоврзауваат и серија други како што се:

Дали доби подобра плата?
Дали доби пониски или барем предвидливи трошоци за живот?
Дали доби подобро здравство, образование и јавни услуги?
Дали доби институции во кои може да има доверба?
Дали доби држава во која младите гледаат перспектива?

Е сега драги сограѓани ако одговорот е „НЕ“, тогаш политичката победа останува само партиска победа.

Јас и во професионалниот живот сум теоретичар (може и претерувам понекогаш) но знам да бидам и силен практичар ако за тоа има потреба, па така како теоретичар си имам своја сопствена дефиниција за денешниот професионален спорот кој е бизнис компонента (а не социјално добро) и тој се мери еднинствено преку резултатот, така и нашата Македонија не може бесконечно да живее во циклусот наречен избори, ветувања, кадровски промени, политички конфликти, нови избори и повторно ветувања. На нас граѓаните денес во овие брзи општествени промени ни треба нешто многу поедноставно и мерливо, а тоа е резултат.

Затоа потребна ни е политика во која секој денар од буџетот има свое оправдување (а не само анекси), политика во која јавната функција нема да претставува награда за поедници и социјлана сигурност за истите поединци, туку напротив одговорност и тоа многу сериозна. Политика во која министерот, директорот и градоначалникот знаат дека зад секоја буџетска ставка стои нечија плата, нечиј данок и нечиј живот.

И можеби најважно од се потребна е политика во која граѓанинот нема да биде важен само на изборен ден, зашто граѓанинот не е гласач само еднаш на четири години “Тој е даночен обврзник секој ден„. Затоа и политичарите мора да имаат одговорност секој ден. Нема ништо спорно во политичката борба и различни мислења и идеи. Сепак демократијата подразбира различни ставови, конфликти и натпревар на идеи. Но, политичката борба станува бесмислена ако од неа граѓанинот постојано излегува како најголем губитник.

Време е да престанеме да ја мериме политиката според тоа кој кого победил, туку да поченеме да ја мериме според тоа колку државата станала подобра.

Зашто на крајот од секој политички мандат не остануваат само говорите, прес-конференциите и партиските соопштенија, туку останува сметката со едно едноставно прашање “Кој ја плати“?

Ако ја плати граѓанинот, тогаш политиката не ја завршила својата работа, но ако граѓанинот добие подобар живот, посигурна иднина и држава што функционира – тогаш можеме да кажеме дека политиката конечно почнала да му служи на оној за кого постои.

Можете да прочитате

13-годишно дете во критична состојба по тепачката во Чаир – било избодено во срцето

МВР го бара со меѓународна потерница, а тој се појавува во бугарските медиуми?

Келковски: Апел до родителите, навремено вакцинирајте ги децата против морбили