Утрински Весник
Македонија

13-годишно дете во критична состојба по тепачката во Чаир – било избодено во срцето

Img 3011.jpeg

Тринаесетгодишното дете кое беше избодено со нож во тепачка во скопски Чаир се наоѓа во критична здравствена состојба, откако при нападот се здобило со убодна рана во пределот на срцето.

Министерот за здравство Сашо Клековски утрово, на прес-конференција, ја потврди сериозноста на состојбата на детето и нагласи дека лекарите прават сè што е во нивна можност.

„Убод во срце, критично е. Нашите мисли се со него, но веќе медицината нема многу што може да направи“, изјави Клековски.

Тешкиот инцидент се случи на улицата „Македонско-косовска бригада“ во скопската општина Чаир, каде што дошло до физичка пресметка во која, според досегашните информации, учествувале пет лица – четворица малолетници и едно полнолетно лице.

Во тепачката биле употребени ножеви и безбол-палки, а најтешко било повредено 13-годишното дете.

Според досегашните сознанија од истрагата, еден од малолетниците, роден во 2012 година, признал дека за време на пресметката користел нож. Сепак, форензичката анализа треба да утврди дали токму со тој нож му била нанесена тешката повреда на 13-годишното дете.

Неговиот брат, роден во 2007 година, според досегашните информации, одбива да даде исказ за настанот.

Полицијата продолжува со преземање мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на улогата на секој од учесниците во пресметката.

Се подготвува кривична пријава за обид за убиство, додека конечната правна квалификација на делото ќе ја утврди надлежното јавно обвинителство.

Истрагата треба да ги утврди сите околности под кои дошло до тепачката, како и кој го нанел убодот поради кој 13-годишното дете во моментов се наоѓа во критична состојба.

Можете да прочитате

Тешка сообраќајка во Македонија, едно лице загина

92,7 милиони денари за реконструкција на Клиниката за физикална медицина: се модернизира здравствената инфраструктура

Тошковски: Конечно по 30 години од последниот упис, нова генерација на идни полициски службеници со Средно полициско училиште