Утрински Весник
Македонија

ДКСК утврди коруптивни регулаторни ризици во членови од Законот за финансирање на политички партии

Dksk 1 e1744704537824.webp.webp

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) објави извештај по извршена антикорупциска проверка на одредбите од Законот за финансирање на политичките партии и констатира коруптивни регулаторни ризици во законот кои според членовите на комисијаа треба да се надминат.

На денешната седница, претседателот на ДКСК Адем Чучуљ посочи дека Комисијата по сопствена иницијатива и согласно антикорупцискиот план за проверка на легислативата за 2026 година извршила проверка на Законот за финансирање на политичките партии каде се констатирани одредени коруптивни регулаторни ризици поради што ДКСК по одредени членови од Законот дава препораки за нивно надминување.

-ДКСК предлага да се преиспита член 10 од Законот со кој се уредува начинот на распределба на средствата за финансирање на политичките партии кои се обезбедуваат од буџетот на државата. Според ДКСК, оправдано е прашањето дали ваквата распределба е пропорционална и дали на овој начин се овозможени фер и еднакви можности на сите учесници, а со цел почитување на начелото на еднаквост. Дополнително, средствата за финансирање на политичките партии се обезбедуваат од државата, истите се јавни извори на средства кои континуирано се зголемуваат и затоа потребно е да се преиспита оваа законска одредба, дали е целисходна, соодветна и правична, и дали се остварува целта за која е пропишана, посочи Чучуљ.

ДКСК предлагаат да се дополни и уреди и членот 14 со кој се уредува членарината што ја плаќаат членовите на политичките партии, бидејќи во одредбата отсуствува превентивен механизам и доколку се надмине утврдената висина на членарината, не се пропишани санкции во прекршочните одредби на овој Закон.

-ДКСК препорачува во член 16 од Законот за финансирање на политичките партии со кој е пропишан вкупниот износ на поединечна донација на физичките и правни лица кои се јавуваат како донатори на политичките партии да се уредат сите неопходни аспекти, да се отстрани правната празнина и да се усогласи овој член со одредбите од изборниот законик. ДКСК препорачува член 17 од законот јасно да се дефинира на кој друг начин, освен со објавување на веб страницата, политичките партии ќе ги прават достапни до јавноста регистрите на донации затоа што не е јасно на кој друг соодветен начин може да се направи достапен за јавноста регистерот за донации што дава можност за субјективно толкување, а различното толкување може негативно да влијае при примената на одредбата во пракса и да го намали ризикот од одговорност за повредата на овие одредби. Ова посебно се однесува за политички субјекти кои немаат свои веб страници, нагласи Чучуљ.

Во извештајот што ќе го достават до надлежните институции, ДКСК препорачуваат во член 26, став 7 од Законот за финансирање на политички партии да се наведе дека политичките партии имаат обврска да поднесат годишна сметка за финанасиското работење и до ДКСК со што одредбата ќе се усогласи со Законот за спречување корупција и судирот на интереси.

Можете да прочитате

17 пожари на отворен простор, седум активни и три под контрола

Муцунски – Хукер: Стратешкото партнерство со САД е значаен придонес за стабилноста во регионот

Муцунски: Бледскиот форум важна платформа за размена на ставови за иднината на регионот