Утрински Весник
Балкан

Мртво бебе, убиено со најмалку десет убоди од нож, пронајдено во смрзнат сад скриен во куфер во стан во Атина

Policija grcija.webp.webp

Мртво бебе на околу осум-девет месеци, смрзнато и ставено во сад, скриен во куфер, доцна синоќа беше пронајдено во стан во центарот на Атина, а денешната обдукција покажа дека било убиено со најмалку десет убоди од нож во пределот на грбот, а целиот случај ја шокираше грчката јавност и поради тоа што во станот се наоѓало и 15-годишно бремено девојче, јави дописничката на МИА од Атина.

Доцна синоќа по пријава до полицијата од сопственикот на станот дека оние кое го изнајмиле му должат пари, но и дека најверојатно користат дрога, полицајците извршиле проверка и целиот случај излезе на виделина.

Во станот биле шест лица: 43-годишен Грк, 38-годишна Германка (веројатно негова сопруга или партнерка), 26-годишен Авганистанец и три малолетни деца: 15-годишно бремено девојче и две момчиња на возраст од 9 и 12 години, а кога полицајците извршиле претрес на куферите, во замрзнат сад било откриено и мртвото бебе.

Според грчките медиуми, Германката рекла дека мртвото бебе е нејзино и починало пред неколку месеци, а Авганистанецот рекол дека е партнер на 15-годишното девојче.

Обдукцијата на мртвото бебе, покажа дека станува збор за убиство, односно дека во пределот на грбот било избодено со најмалку десет убоди со нож, но засега непознато е кога било убиено.

Тројцата возрасни беа уапсени и за поседување и употреба на дрога, а во тек е составувањето на предметот за сите извршени дела.

Децата, со одлука на јавен обвинител, биле пренесени во детска болница, каде што им се вршат прегледи, а и кај момчиња и кај девојчето неофицијално биле откриени сексуално преносливи болести.

Според претседателот на Грчката федерација на вработените во јавните болници Михаилис Јанакос, децата се во лоша состојба, а постојат индикации дека можеби биле сексуално злоставувани.

Истрагата за целиот случај е во тек и се очекува дополнително да се расчистат одредени аспекти, што засега остануваат непознати, како на пример кога точно било убиено бебето, дали е на Германката, како што самата изјавила, дали трите деца се на уапсените маж и жена, каде живееле претходно, пред да дојдат во конкретниот стан итн.

Станот што го изнајмувале е во атинската населба Кипсели, станува збор за Ер-Би-Ен-Би, а уапсените и децата престојувале нешто помалку од еден месец. 

Можете да прочитате

Истражување во Србија на БИРОДИ: Студентската листа би освоила околу 48,5 отсто на следните парламентарни избори

Северина повика на протест во Загреб поритв нелегалноот складирање опасен отпад

Употребата на мобилните телефони и нездравата храна забранети во училиштата во Албанија