Утрински Весник
Скопје

Карпошово културно лето: Уметност, музика и креативна енергија 

Viber image 2026 08 28 12 07 24 376.jpg

Осмата вечер на Карпошовото културно лето, помина во знакот на културно-уметничките перформанси и изложби, и енергична поп-рок забава.

Публиката на платото „Млечен“, уживаше и се насладуваше во изведбата на богатиот репертоар на женскиот хор „ФРИДА“, кој интерпретира преработки на светски хитови од 60-тите, 70-тите, и 80-тите години на минатиот век, како и македонски евергрини и традиционални песни, и филмска музика. Во хорот членуваат повеќе од 100 вокалистки, организирани во три секции (групи), а основач, музички раководител и диригент на хорот е Сузана Турунџиева- вокален солист и музички педагог.

Со почеток од 19:30 часот, на истата локација, се одржа групна ликовна изложба „Карпош меѓу боите и генерациите“, на учениците од Школата за цртање и сликање „Галика Премиум Арт“, која е со седиште во Општина Карпош. На изложбата беа претставени околу 15 автори-деца, млади и возрасни , со по едно или две внимателно работени, одбрани, технички перфектни и сериозни ликовни дела, акрил на акрилена картонска подлога и дел цртежи, специјално работени за претстојниот настан „Карпошово културно лето 2026“.

На изложбата беше претставено и едно авторско дело од академскиот ликовен уметник Елена Галика, основач и ментор на „Галика Премиум Арт“, со што симболично се прикажа поврзаноста помеѓу професионалното уметничко творештво и едукативниот процес.

Во училишниот двор на ООУ „ Петар Поп Арсов“, со прикажување на филмот „Балканкан“, заврши филмската проекција на „киното на отворено“, каде што како новитет на ова карпошово културно лето, седум дена љубителите на добриот македонски филм, можеа заедно со своите маалски соседи, роднини и пријатели да ги проследат филмовите кои беа прикажани на понудениот репертоар.

Вечерта заврши со одличен, енергичен и вибрантен настап на познатитот поп- рок кавер бенд „Day Off“, кои имаат преку триесетгодишно искуство во музицирање и сценски настапи. Меѓу своите карпошани, присутен беше и се забавуваше во релаксирана и опуштена атмосфера и градоначалникот на Општина Карпош Сотир Лукровски.

Можете да прочитате

Меџити: Пријателството меѓу Северна Македонија и Турција останува силен мост на соработка

Пет мини библиотеки со европска книжевност поставени низ Скопје

Од први септември почнува зимскиот возен ред на ЈСП