Утрински Весник
Македонија

Финансиската полиција отвори предмет за сомнителен капитал во медиумите – АВМУ запре промена на сопственост на телевизија и радио

Screenshot 2026 08 28 161927.jpg

Управата за финансиска полиција отвори предмет и ги проверува наводите за можен влез на сомнителен капитал во македонскиот медиумски простор, откако СДСМ јавно побара истрага за купување телевизија и за, како што тврди партијата, зголемено влијание на српски медиумски групации во земјава.

Од Финансиската полиција потврдуваат дека се испитуваат сите индиции и информации што во изминатиот период беа изнесени во јавноста.

Истовремено, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), врз основа на постапувањето на надлежните институции, ја запрела постапката за промена на сопственичката структура на една телевизија и едно радио.

„Во врска со наводите изнесени од страна на СДСМ за наводен влез на сомнителен капитал и купување на телевизија, ја информираме јавноста дека Управата за финансиска полиција постапува по предмет и ги испитува сите индиции и информации кои беа изнесени во јавноста, а АВМУ врз основа на постапувањето на институциите ја запре постапката за промена на сопственичката структура на една телевизија и радио“, соопштија од Финансиската полиција.

Оттаму додаваат дека институциите, во рамки на своите законски надлежности, ги преземаат потребните дејствија за утврдување на сите релевантни факти и околности.

Од Финансиската полиција воедно апелираат да не се шпекулира и да не се дезинформира јавноста со непроверени информации, нагласувајќи дека надлежните институции постапуваат професионално и согласно закон, со цел заштита на јавниот интерес и интересите на граѓаните.

Реакцијата следува откако СДСМ побара институциите да го испитаат она што партијата го нарече „влез на српската медиумска машинерија во Македонија“.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, претходно изнесе тврдења дека преку повеќе медиумски и деловни структури се создава простор за засилено српско медиумско влијание во земјава. Од партијата побараа надлежните институции да проверат дали при промените на сопственоста и работењето на странски медиумски компании се почитуваат македонските закони.

СДСМ своите сомневања ги поврза и со влезот на српски капитал во банкарскиот сектор, барајќи да се проверат потеклото и движењето на парите, како и евентуалната поврзаност со инвестиции во медиумскиот сектор.

Од надлежните институции засега не се соопштени повеќе детали за предметот што го води Финансиската полиција. Не е наведено ниту за која конкретна телевизија и радио станува збор во постапката за промена на сопственичката структура што ја запрела АВМУ.

Проверките на институциите треба да утврдат дали постои основа за сомневањата и тврдењата што беа изнесени во јавноста.

Можете да прочитате

Цврсто сме определени да бидеме лидер во регионот со развојот на дата-центри, тоа е иднината на човештвото, вели Мицкоски

Приведен охриѓанец, вперил пушка кон неколку лица кои го нападнале неговиот малолетен син

Детали: Од „аудито“ не остана речиси ништо – загинаа братче, сестричка и нивната баба во Словенија