Утрински Весник
Македонија

Левица: Мицкоски им се извинува на САД што македонски новинар се осмелил да праша за безбедноста на Македонија

Levica.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

Мицкоски уште еднаш покажа дека за него „стратешки партнер” е магична формула со која се оправдува секоја поданичка политика кон САД. Откако во интервју за американскиот „Брајтбарт” самиот се пофали дека американски воени авиони секојдневно ги користат македонските аеродроми, дека има „отворено небо” за американските воени авиони и дека Македонија е „на располагање” да обезбедува поддршка за американските сили, денес беше соочен со сосема легитимно прашање дали со ваквото јавно изнесување на чувствителни информации ја загрозил безбедноста на државата. 

Наместо да одговори на прашањето, Мицкоски прибегна кон класичен политички спин: го нападна новинарот, неговото прашање го прогласи за „исклучително несмасно” и „злонамерно”, а потоа го префрли разговорот на НАТО и на „стратешките партнери”. Но никој не го праша Мицкоски дали Македонија треба да биде членка на НАТО или дали треба да има стратешко партнерство со САД. Прашањето беше дали тој, како премиер, неодговорно изнесувал информации за користењето на македонските аеродроми за американски воени операции и дали со тоа може да ја загрози безбедноста на македонските граѓани. 

Уште посериозно, Мицкоски се обиде да создаде впечаток дека ваквата логистичка поддршка за американските воени операции претставува автоматска обврска на Македонија како членка на НАТО. Тоа не е она што го кажува НАТО. Генералниот секретар Марк Руте јасно има објаснето дека американско-израелската воена кампања против Иран не е НАТО-операција и дека користењето бази и друга логистичка поддршка е прашање на билатерални договори меѓу САД и поединечни сојузници, а не автоматска обврска на НАТО како Алијанса. 

Оттука, Мицкоски не може да се крие зад НАТО за секоја своја политичка одлука во корист на Вашингтон. Членството во НАТО не значи дека интересите на САД во секоја воена операција ширум светот автоматски стануваат македонски интереси, ниту дека Македонија безусловно мора да ја става својата инфраструктура на располагање за туѓи воени дејствија. Ако Владата одлучила да обезбедува ваква логистичка поддршка, тогаш Мицкоски треба да објасни врз основа на кој конкретен договор, каква процедура и какво одобрение се користат македонските аеродроми, наместо да го злоупотребува НАТО како алиби.

Всушност, самиот Мицкоски во интервјуто за „Брајтбарт” јасно кажува каде лежи неговата вистинска политичка определба. Тој не зборува само за сојузништво со САД, туку гордо истакнува дека Македонија ја поддржува администрацијата на Трамп и кога тоа е политички непопуларно, дека гласаме во Обединетите нации согласно интересите на администрацијата на Трамп и дека сме „на располагање” за поддршка на американските воени сили. Тоа не е независна надворешна политика на мала држава, туку лично и партиско врзување на македонската државна политика за една конкретна американска администрација. 

Отвореното позиционирање на премиерот на мала држава зад конкретен американски претседател и неговата партиско-политичка агенда е дипломатски коцкарски потег со огромен ризик. За мала држава стратешкото партнерство треба да биде институционално и долгорочно, а не лично обожување на еден политичар и неговата администрација. Врзувањето на македонската надворешна политика за Трамп значи свесно преземање на ризиците од неговите политички и воени одлуки, без притоа Македонија да има соодветна моќ да влијае врз нив. Мицкоски не ја штити Македонија со тоа што безрезервно се става зад Вашингтон – тој ја изложува Македонија на последиците од туѓите одлуки.

А најпонижувачкиот дел од денешната изјава е неговото извинување до „стратешките партнери”. Мицкоски буквално се извини на странските партнери затоа што домашен новинар поставил прашање за можните безбедносни последици од неговите постапки. Значи, наместо премиерот да им одговара на македонските граѓани зошто нивната држава се користи како логистичка точка за американски воени операции, тој се загрижи дали некој во Вашингтон ќе се почувствува навреден од едно новинарско прашање. Ароганција кон домашната јавност, сервилност кон странските центри на моќ.

Му порачуваме на Мицкоски: не им должите извинување на „стратешките партнери” затоа што македонските медиуми си ја вршат својата работа. Извинување им должите на македонските граѓани доколку нивната безбедност ја ставате во ризик заради туѓи воени интереси. Вашата обврска не е да им угодувате на странските политичари, туку да дадете отчет пред народот кој ве избрал и чија безбедност ја носите како одговорност.

Левица ќе продолжи да го разобличува поданичкиот однос на ДПМНЕ кон странските центри на моќ и политиката со која македонската држава се става во функција на туѓи геополитички и воени интереси. Македонија може и треба да има сојузништва, но сојузништвото не значи вазалство, а стратешкото партнерство не значи откажување од сопствениот национален интерес и безбедност.

Можете да прочитате

Николоски: Автопатот Скопје – Блаце се гради на исклучително тежок терен

Во Кочан уапсени двајца крадци

ВМРО-ДПМНЕ: За Филипче секоја нова можност за Македонија е повод за ширење паника во јавноста