Утрински Весник
Македонија

Нова афера во МВР: За 1.400 евра до лажна возачка дозвола?

Vozacka dozvola 2a 650x396 1.jpg

Во Министерството за внатрешни работи е отворена истрага по сомнежи за незаконско издавање возачки дозволи со впишување повисоки категории, објави „Слободен печат“, повикувајќи се на извори од МВР.

Според информациите на медиумот, најмалку двајца вработени во МВР, надреден и подредена, биле фатени при изготвување возачка дозвола за која се сомничи дека требало незаконски да бидат додадени категории за управување со камион и автобус.

Сомнежите се дека ова не е изолиран случај и дека на сличен начин биле издадени повеќе возачки дозволи. „Портал икс“ претходно објави информација дека станува збор за околу 300 дозволи, но оваа бројка засега не е официјално потврдена.

Од МВР за „Слободен печат“ потврдиле дека Одделот за внатрешна контрола го известил надлежното Основно јавно обвинителство и дека во координација со обвинителството се преземаат активности за расчистување на случајот.

Според извори на „Слободен печат“, дел од лицата кои сега се под истрага во минатото биле осомничени и во аферата со лажните пасоши, а потоа биле вратени на работа со судски одлуки.

Истрагата треба да утврди колку дозволи биле издадени на ваков начин, кои лица биле вклучени и дали со незаконско впишување категории на патиштата биле пуштени возачи кои не ги исполнувале законските услови за управување со автобуси и тешки товарни возила.

Можете да прочитате

Солидарниот фонд – од пензионерска самопомош до систем со многу отворени прашања

Бугарскиот европратеник Ковачев до Македонија: Немате основа да се жалите за случајот со Ива Михаилова

Европски пат низ призма на одложено дејство или ново одложување на европската иднина?