Утрински Весник
Македонија

Наводните задкулисни планови на претседателот Ердоган кон Македонија

Salim kerimi.jpeg

Пишува: Салим Кадри Керими, историчар – дипломат во пензија

Во текот на вчерашниот ден, во одделни медиуми, на македонски и албански јазик, беа пренесени делови од најновите „откритија“ на новинарот Васко Ефтов за наводни околу 60.000 турски „доселеници“ во Македонија, проследени со уште посериозни тези дека станува збор за дел од некаква однапред смислена „демографска операција“ на официјална Анкара, односно на претседателот Реџеп Таип Ердоган (Recep Tayyip Erdoğan), како и за наводни „неоосманлиски“ намери на Турција кон Македонија.

Станува збор за тврдења кои, токму поради нивната сериозност, заслужуваат внимателна и аргументирана анализа и одговор. Не заради одбрана на која било политика или политичар, туку заради потребата во јавниот простор да се прави јасна разлика меѓу фактите и политичките интерпретации.

Во информацијата на „ВЕСТИМАК.МК“ од 24 август 2026 година, се наведува дека Ефтов зборува за „две бројки“ на турски „доселеници“ во Македонија – едната официјална од околу 16.000 лица, а другата, според неговите извори, наводно достигнувала бројка приближна на бројот на населението на Прилеп, што значи околу 60.000 лица.

Доколку ваквата разлика навистина постои, тогаш тоа е прашање што заслужува институционална проверка и соодветен одговор. Но, без да бидат објавени изворите, методологијата и официјалните податоци врз основа на кои е добиена втората бројка, таа не може автоматски да се претставува како утврден факт.

Што всушност се подразбира под поимот „доселеници“?

При анализата на наводите на новинарот Ефтов бездруго треба да се постави прашањето: што се подразбира под поимот „доселеници“? Односно, дали сите турски државјани кои по разни основи и легално престојуваат во Македонија може да се нарекуваат „доселеници“?

Ова е особено важно затоа што сите турски државјани (студенти, бизнисмени, лица ангажирани во разни компании, членови на нивните семејства, лица со двојно државјанство, како и други категории), со привремен или постојан престој во Македонија, не може да се вбројат во категоријата „турски доселеници“. Без прецизно дефинирање на категоријата што се брои, споредувањето со населението на градот Прилеп може да создаде впечаток кој не мора да одговара на реалната демографска слика.

Меѓутоа, она што е најважно е фактот дека било која бројка не е доказ за некаква задкулисна „демографска операција“. Со други зборови, уште посериозен е обидот од една бројка да се извлече заклучок дека Турција, односно нејзиниот актуелен претседател, спроведувал некаква задкулисна „демографска операција“ во Македонија. Таквата теза не може да се докаже само со наведување одреден број турски државјани, кои по различни основи легално престојуваат во Македонија. За да може да се говори за организирана демографска политика, би биле потребни многу посериозни и проверливи докази: официјални документи, конкретни владини програми, буџетски средства, институционални механизми, јасно дефинирани цели, временски рокови и, пред сè, јасно утврдено поврзување меѓу тие механизми и бројот на лица кои се доселуваат. Без такви докази, одреден број странски, во конкретниот случај турски државјани, може да биде предмет на политичка интерпретација, но не и доволен доказ за постоење на некаква организирана „демографска операција“.

Кога се зборува за „демографски инжењеринзи“ господинот Ефтов сакам да го потсетам дека на просторот на бивша Југославија, што значи и на Македонија, таков инжењеринг беше изведен, ама на снетка на Турците, кога непосредно по Втората светска војна, со разни методи и притисоци, околу 120.000 Турци, односно околу 60% од тогашнот вкупен број на ова население, беа наведени да ги напуштат своите вековни огништа во Македонија и да заминат во Турција.

„Неоосманлиска политика“ – сериозна теза што бара сериозни докази

Уште посериозно внимание заслужува употребата на поимот „османизација“, односно имплицитното тврдење дека зад присуството на турски државјани во Македонија стои проект за некаква „нова османизација“ на Македонија или на која било друга земја. Турција, како и секоја друга земја, несомнено е дека настојува да го зголеми своето политичко, економско, културно и дипломатско присуство на Балканот. Тоа е видливо и не треба да се негира. Анкара има свои геополитички и економски интереси, како и историски и културни врски со земјите од нашиот – Балкански регион. Турција е една од највлијателната членка на НАТО, значаен економски партнер на Македонија и земја со која постојат долготрајни историски, човечки и културни врски.

Затоа, од констатацијата дека една држава го зголемува своето влијание до заклучокот дека спроведува „османизација“ на друга држава има огромна разлика. За изнесување на таква сериозна теза би биле потребни конкретни и проверливи докази, а не претпоставки и сензационалистички шпекулации. Самото присуство на турски студенти, компании, инвеститори или други граѓани во Македонија не може да биде доказ за таква политика.

Штип – реален интерес или однапред поставен заклучок?

Сличен пристап е потребен и во однос на тврдењето дека Штип бил „посебно пикиран“ како дел од некаков проект. Штип навистина е значаен универзитетски и економски центар во источниот дел на Македонија. Сосема е логично странски студенти, компании и инвеститори да покажуваат интерес за градот. Но, од таквата констатација не може автоматски да се извлече заклучок дека градот е избран како центар на некаква демографска стратегија на турската држава, односно на актуелниот претседател на Турција. Тука повторно треба да се постави едноставно, но суштинско прашање: кои се конкретните докази? Доколку постојат – треба да бидат презентирани и јавно анализирани. Доколку не постојат – тогаш станува збор за претпоставка и инсинуација, а не за некаков докажан факт.

Одговорното информирање е поважно од сензационализмот

Прашањата за странските државјани, миграцијата, демографските движења и влијанието на странските држави се премногу сериозни за да бидат оставени само на сензационалистички наслови и непроверени бројки. Кога во јавноста ќе се каже дека „се продава Македонија“, дека одреден странски народ масовно се населува во државата или дека зад тоа стои проект за „османизација“, таквите формулации можат да предизвикаат страв, недоверба и негативни стереотипи кон цели заедници, без оглед на тоа дали прашањето што првично се поставува има реална основа.

Македонско-турските врски и пријателство се традиционални

Постоењето на поголем број турски државјани кои во определен период престојуваат во градот Штип и насекаде во Македонија, само по себе, не треба да биде изненадување. Македонија и Турција имаат долгогодишни политички, економски, културни и човечки врски. Турција беше меѓу првите држави што ја призна Македонија под нејзиното уставно име и држава кој безрезервно го почитува  македонскиот севкупен (национален, верски, културен, јазичен) идентитет. Таа, исто така е еден од значајните политички и економски – стратешки партнери на земјата. Во Македонија постои бројна турска заедница, која е составен и лијален дел на македонското општество. Истовремено, постои и голем број македонски иселеници во Турција. Постојат македонски граѓани кои студираат, работат или деловно престојуваат во Турција, исто како што турски граѓани доаѓаат во Македонија поради роднински врски, образование, работа, бизнис, туризам или други легални причини. Тоа е нормална појава и состојба во современиот свет.

Затоа, самото присуство на турски државјани во Македонија не може автоматски да се претвори во „крунски доказ“ за некаква тајна геополитичка стратегија. Потребни се факти а не политичка сензација и заплашување на македонските граѓани. Критиката на одредена политика на Турција, доколку за неа постојат аргументи, е сосема легитимна. Но, критиката на државната политика не смее да се претвори во сомнеж кон луѓето само поради нивното потекло или државјанство.

Како човек кој подолго време ги истражува југословенско – турските и македонско -турските односи и соработка, си земам за право да истакнам дека, доколку трезвено, објективно и врз основа на фактите се анализира развојот на македонско-турските односи и соработка во изминатите 35 години, меѓу другото, може да се заклучи дека Турција е еден од најверните партнери на Македонија. Таа во повеќе наврати, особено во најтешките моменти за нашата држава, ѝ пружаше значајна и конкретна поддршка и помош – на билатерален, регионален и меѓународен план.

Оттука, најновите „откритија“ на господинот Васко Ефтов, во формата во која се презентирани во јавноста, ги сметам за неосновани, штетни и спротивни на логиката на досегашниот развој на македонско – турските односи. Република Турција, уште од осамостојувањето на Македонија, во повеќе наврати и на различни начини ја потврдувала својата поддршка за суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на нашата држава. Затоа, тешко е да се прифати тезата дека истата таа држава паралелно би кроела некакви задкулисни планови за демографско, политичко или територијално „разнебитување“ на Македонија. Токму затоа, наместо да се градат заклучоци врз основа на непроверени бројки и сензационалистички квалификации, потребно е македонско – турските односи да се согледуваат во нивната целокупност – низ фактите, документите и конкретните постигнувања во изминатите повеќе од три децении.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Можете да прочитате

ЛиДеМ: Владата го почитува Законот само кога ѝ одговара – студентите секој ден ја плаќаат инфлацијата од сопствен џеб

Крива Паланка обезбеди бесплатни паркинг простори за посетителите за претстојните празнични денови

Штерјова: Владата на Мицкоски ја навредува Европа – Стоилковиќ отворено работи на кинеската и руската агенда