Утрински Весник
Македонија

Од министер во национален координатор: Љутков останува во Владата

Zoran ljutkov.png

Поранешниот министер за култура и туризам Зоран Љутков нема да се врати на актерската работа во својот матичен Драмски театар во Скопје, туку го продолжува ангажманот во државната администрација. Тој е назначен за национален координатор за култура во Владата.

Информацијата денеска ја објавија повеќе медиуми, а името на Љутков веќе јавно се споменува во ова својство и во реакциите поврзани со „Струшките вечери на поезијата“.

Љутков ја извршуваше функцијата министер за култура и туризам од формирањето на Владата во 2024 година, а министерската фотелја ја напушти во рамки на реконструкцијата на владиниот состав.

На негово место беше избран дотогашниот заменик-министер Седат Сулејмани. Официјалното примопредавање на функцијата беше извршено на 15 јули, кога Сулејмани ја презеде должноста министер за култура и туризам.

Иако по заминувањето од министерската позиција постоеше можност Љутков да се врати во Драмскиот театар, каде што е неговото матично работно место како актер, со новиот ангажман тој останува во институционалниот систем и продолжува да работи во областа на културата.

Овојпат неговата улога е национален координатор за култура во Владата, позиција од која се очекува да биде вклучен во координацијата на прашања и активности поврзани со културниот сектор.

Сепак, на официјалната веб-страница на Владата, во делот посветен на националните координатори што е достапен во моментот на објавувањето, името на Љутков се уште не е наведено. Тоа укажува дека страницата сè уште не е ажурирана со неговото ново назначување.

Можете да прочитате

Мицкоски: Преносот на останките на Цар Самоил го коментирам преку Бледскиот договор, со кој во Скопје беа донесени посмртните останки на Гоце Делчев

Полицијата уапси 12 возачи во последните 24 часа

Министерот Мисајловски на отворањето на централниот Меморијален турнир во чест на загинатите бранители