
По информациите и шпекулациите што се проширија на социјалните мрежи дека водата од скопскиот водовод наводно не е исправна за пиење, директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, вели дека на Клиниката нема податоци за пациенти со гастроинтестинални проблеми предизвикани од консумирање на водата.
Според Цана, во овој период има зголемен број пациенти, што е вообичаено во услови на високи летни температури, но бројките не отстапуваат од очекуваното ниво за овој период од годината.
„Тоа што можам да го кажам како директор на Инфективната клиника е дека немаме податоци за пријавени пациенти со гастроинтестинално нарушување од таква причина. Засега има нормално зголемен број, со оглед на горештините. Бројот е зголемен, но не е над нормалата во споредба со претходните години, туку е во рамките на очекуваниот раст. Немаме податоци дека некој има гастроинтестинални тегоби поради водата“, изјави Цана.
Неговата изјава доаѓа откако меѓу граѓаните и на социјалните мрежи се појавија тврдења и загриженост околу квалитетот на водата за пиење во главниот град.
Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, пак, соопштија дека резултатите од мониторингот покажуваат дека испитаните примероци од водоснабдителниот систем ги исполнуваат пропишаните барања за безбедност и квалитет.
Според претпријатието, биле земени вкупно 42 примероци од водоводната мрежа на Скопје, од кои четири од бунарскиот потег Нерези–Лепенец. На примероците се вршат физичко-хемиски и микробиолошки анализи во акредитирани лаборатории.
Од „Водовод и канализација“ наведуваат дека, согласно добиените резултати од испитувањата, сите анализирани примероци од водоснабдителниот систем на Скопје одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.


