
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска категорично ги демантираше информациите што се шират на социјалните мрежи дека во водата за пиење во главниот град е пронајдена бактеријата ешерихија коли. На прес-конференција тој порача дека скопјани треба да бидат спокојни, а пред новинарите се напи и чаша вода директно од чешма.
„Не е точно дека е пронајдена ешерихија коли во водата која го снабдува Скопје. Скопјани да бидат спокојни“, порача Ѓорѓиевски.
Тој најави и дека ќе бара одговорност за ширењето информации за кои тврди дека се лажни и дека предизвикуваат паника меѓу населението.
„Ќе има одговорност за сите кои шират паника и хистерија, што според мене е еднакво на тероризам. До МВР ќе бидат доставени сите профили на социјалните мрежи кои шират лажни вести“, рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот нагласи дека и тој и членовите на неговото семејство ја пијат водата од скопскиот водовод. Како што посочи, вода од чешма пие и неговиот осум и полгодишен син, а скопската вода ја оцени како чиста и една од најквалитетните.
Прес-конференцијата следува по информациите што се проширија на социјалните мрежи дека во водата од скопските чешми наводно е присутна бактеријата ешерихија коли, што предизвика загриженост кај дел од граѓаните.
Претходно денеска се огласи и директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана. Тој изјави дека Клиниката нема податоци за пациенти кај кои гастроинтестиналните тегоби се поврзани со консумирање вода од скопскиот водовод.
Според Цана, бројот на пациенти во овој период е зголемен поради високите температури, но не е над вообичаеното ниво во споредба со истиот период во претходните години.
„Засега има нормално зголемен број, со оглед на горештините. Бројот е зголемен, но не е над нормалата во споредба со претходните години, туку е во очекуваниот раст. Немаме податоци дека некој има гастроинтестинални тегоби поради пиење на водата“, изјави Цана.
И од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје претходно соопштија дека анализите покажуваат дека водата е исправна за пиење.
Според вчерашниот извештај од мониторингот, Секторот за санитарна контрола зел вкупно 42 примероци од водоводната мрежа на Скопје, од кои четири од бунарскиот потег Нерези–Лепенец. Од претпријатието соопштија дека резултатите покажале оти испитаните примероци ги исполнуваат пропишаните барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.



